Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев потврди дека сепак договорот на Зоран Заев и Драги Рашковски со новоформираната фирма „САРХЕМС“ ќе ги чини граѓаните 72 милиони евра, а нема да биде без никакви трошоци.

Ова е барање од компанијата до Владата за носење на соодветна уредба со која што ќе се пропише регулатива за утврдување и овозможување на прибирање на надоместокот од столбовите за финансирање предвидени во договорот за јавно приватно партнерство. Барањето е потпишано лично од партнерот на Заев и Рашковски, Саша Ѓаковиќ и испратено до владата на 17 декември. Освен на спорниот договор, партнерот на Заев и Рашковски се повикува и на одредби од Законот за јавни патишта со што се потврдува сомнежот кој во повеќе наврати го искажавме дека еден од начините на финансирање е можно да биде и преку наплатата на патарините, рече Јанушев.

Во второто барање адресирано до владата, рече Јанушев, Саша Ѓаковиќ го моли Заев да обезбеди локација за сместување на хеликоптерите и неговиот персонал.

Уште една работа на која што укажувавме кога велевме дека физибилити студијата предвидува и директен трошок од државата со оглед на фактот што компанијата сака да и се даде на користење објекти, инфраструктура и опрема на Центарот за обука на пилоти. Повторно ќе напоменам дека во самиот Центар досега се инвестирани околу 10 милиони евра.

 

Третото барање испратено до владата во истиот ден се однесува на молба до Заев и Рашковски да овозможат склучување на меморандуми за соработка со државните институции и тоа Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и за Министерството за здравство, М-НАВ, ЦУК и АЦВ, Дирекцијата за заштита и спасување и другите државни институции засегнати со овој проект. Приватната компанија меѓу другото очекува со овие меморандуми да се регулира и упатување на персонал од составот на наведените институции на должност кај приватниот партнер. Веќе предупредувавме дека скандалозниот договор на Заев и Рашковски предвидува ангажман на персонал од МВР и АРМ за приватниот партнер со што се доведува во прашање оперативноста на службите, но и се наметнува прашањето околу плаќањето на персоналот, а и самата потреба со оглед на фактот што МВР веќе извршува и овој тип на мисии.

На сите три барања, приватниот партнер очекува да им биде позитивно одговорено, а сето тоа да биде сторено во координација со нив, рече Јанушев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.