Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, гостуваше во дебатната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија. при што зборуваше за моменталната политичка ситуација во земјата, резултатите од локалните избори, спречувањето на гласањето доверба на Владата, како и за очекувањата за наредниот период и формирањето ново парламентарно мнозинство.
Јанушев потенцираше дека минатиот четврток се случил преседан и срамен чин, а непојавувањето на Кастриот Реџепи во Собранието само покажува до кое ниво е пуштен режимот насекаде во државата, па ги контролира и пратениците во Собранието. Тој додаде дека доколку Кастриот Реџепи не бил киднапиран, требало да дојде во Собранието и да образложи зошто нема да гласа за доверба на Владата, а не мистериозно да исчезне.
Јанушев вели дека играта којашто Заев и Реџепи ја изиграле е апсолутно губитничка и поразителна, а ваквиот начин на спречување на спроведување на волјата на народот е само мотив плус за граѓаните да ги казнат и на наредните парламентарни избори.
Мнозинството од граѓаните кажаа што сакаат и кому веруваат, односно ВМРО-ДПМНЕ го победи СДСМ со над 100.000 гласови разлика. Ова е бројка која само укажува на тоа на колку голема врата се врати ВМРО-ДПМНЕ на овие локални избори.
Заев можеби смета дека со киднапирање советници ќе се одржи на власт и дека нема да одговара за сите лоши политики, но реалноста не е воопшто таква. Еднаш изиграа задкулисно и дрско, но втор пат тоа нема да се дозволи. Народот гледа на што се е спремен Зоран Заев и токму поради тоа тој ќе биде казнет. Опозицискиот блок окрупнува и тоа ќе се види за многу скоро време.
Дегутантните изјави на Реџепи се показател за очајот и стравот кои владеат во редовите на политичките партии од власта, но тие ќе мораат да се соочат со гневот на народот. Од народот бегање нема – истакна Јанушев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.