Во поплавата од тротоари, улици, мостови, паркови и што уште не, кои слушаме, и едните и другите и третите ќе ги изграделе во наредните четири години, само и само ако победат на изборите, токму тие и никој друг, некако многу понезабележано поминаа две катастрофи чие наближување се правиме како и да не го гледаме, иако ни е речиси пред носот. Седиме на плажа, гледаме во хоризонтот, го гледаме цунамито кое доаѓа, а ние се занимаваме со тој кој колку кули од тој песок ќе ни направи, пишува во последната колумна новинарот Дарко Јаневски.
Економската криза која започна со страотниот удар што на берзите го приредија цените на гасот, нафтата и електричната енергија, во услови кога ни доаѓа зимата, овој пат нема да биде ни одблиску слична на ударите кои му се случија на Груевски со должничката криза во Европа во 2009 година. А, таа криза, заедно со хипотекарната криза во САД, се сметаше дека е поголема и од „Големата депресија“ во периодот 1929-1933 година.
Но, оваа сега, очигледно ќе биде едно од најсериозните сценарија во историјата, во кое никаква минимална или просечна македонска плата нема да му помогне на обичниот граѓанин. Не вреди сега да пишувам за тоа како полека се оцртуваат рамките кои ја објаснуваат целата пандемија со корона вирусот, зашто тоа нема никако да ви помогне во јануари, кога за голем број од населението греењето ќе биде составено од дупла доза ќебиња, а тие што ги зачувале, ќе мораат да ги извадат и старите јамболии.
Зашто, додава Јаневски, сосема е извесно дека нема само да бидете гладни, туку и премрзнати (половина Македонија се грее на струја), а голем дел од вас ќе се загреваат така што ќе трчаат од соба во соба, за некој од домашните случајно да не заборавил вклучена сијалица.
Впрочем, за потребата од палење на крајниот степен од алармот, ништо поверодостојно не говори како бројките, според кои, во последната година, природниот гас ја зголемил цената за 110 отсто, нафтата за речиси 70 отсто, алуминиумот за 53 отсто, калајот за околу 80 отсто, памукот за 40 отсто, кафето за 54 отсто, маслото за јадење за 38 отсто, шеќерот за 32 отсто…, за храната веројатно и самите си знаете.
И кога сето тоа е така, кога, во услови во кои сега се наоѓа државата, сето ова ќе се искомбинира со присутноста на корона вирусот и ќе се искомбинира и со затворениот здравствен систем (едното и другото заедно досега веќе ни зедоа 12 000 жртви повеќе отколку што е тоа нашиот вообичаен просек), не е далеку заклучокот дека овој пат, покрај веќе стореното бришење на Македонците од картата на народите, сега, на сите племиња во „Cеверна“, заедно им се заканува и физичко бришење од лицето на Земјата. Нема да бидат истребени само „избраните“, оние посебните – главно нафатирани криминалци и нивните синчиња, кои полека го заземаат местото на татковците–бандити, како „угледни“ граѓани на „оваа убава земја“ чие име и народ од чиј грб станаа газди, ги „шитнаа“ на пазар како сушен пипер од Муртино. Се разбира, за тие да можат и натаму да живеат во сонот дека оваа земја и оние два милиони кои сега спаднаа на 1,8 милиони, постојат заради нив и заради нивното украдено богатство.
И не треба многу ум за да сфати дека оваа катастрофа, економска и здравствена, која ни се приближува, немаме шанси да ја преживееме со Заев. Би било прилично банално, како што би рекол самиот тој, да го повторувам неговото досие од овие четири, но и од претходните години, кое прилично децидно и сликовито покажува дека тој е последното нешто што би ви паднало на ум за решавање на тоа што ни претстои.
Целата колумна на Јаневски на „Денешен“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.