Дарко Јаневски

По вчерешните протести во Ново Лисиче кои се однесуваа на убиството на младиот Никола Христовски и казната од три години за неговиот убиец, како и по масовните реакции дека дедо Панче кој ја искуба Шеќеринска во Собранието доби поостра казна од четири години, со соопштение се огласи и скопскиот Кривичен суд каде се донесени двете пресуди. Во соопштението, се истакнува:

„Во однос на одредени реакции за пресудата на Основниот кривичен суд за убиството кое на 14 август 2019 год. се случи во скопско Ново Лисиче, потребно е да ја запознаеме јавноста дека судот постапува врз основа на тежината на кривичното дело по обвинителен акт или обвинителен предлог добиен од Јавното обвинителство за кривично дело квалифицирано од надлежен обвинител.

Судот води непристрасна постапка во која доследно ги почитува правата на обвинетите, но и на оштетените, утврдува вина и одредува казна исклучиво врз основа на тежината на кривичното дело за кое се терети обвинетиот, односно запретената казна за истиот.

За кривичното дело „Убиство во миг“ од член 125 од Кривичниот законик, законодавецот, а не судот, предвидел казна во траење од 1 до 5 години затвор. Со оглед да обвинетиот кој има 18 години и претходно не бил осудуван, Законот исто така утврдил олеснителни околоности кои судот мора да ги земе предвид, па токму затоа е одредена казна од 3 години затвор.

Споредбата со друг предмет за кривичното дело „Насилство“ каде е изречена казна затвор во траење од 4 години е несоодветна бидејќи за тоа кривично дело, исто така законодавецот, а не судот, предвидел казна од 3 до 10 години.

Со цел дел од граѓаните да не бидат доведена во заблуда околу надлежноста на судот и другите институции при решавањето на еден кривично – правен настан, како суд сме должни да ја запознаеме јавноста дека надлежни за квалификација на кривичните дела, според која квалификација се одредува казната – доколку се докаже вината, се МВР и Јавното обвинителсво, а не судот.

Со почит Основен кривичен суд Скопје.“

Како што можете да забележите, Судот вели дека граѓаните бадијала се лути на пресудата и на самиот Суд, зашто Јавното обвинителство е тоа кое одредува за кое дело ќе се гони (правна квалификација на кривичното дело, односно дали станува збор за убиство на миг, убиство, телесна повреда или некое друго кривично дело), а Кривичниот законик ја одредува висината на казната.

Па така, судот ни објаснува дека јавниот обвинител квалификувал дека во случајот со убиенот Христовски станува збор за „убиство на миг“, а КЗ за тоа дело одредил дека казната може да биде до пет години затвор. Три години се одредени имајќи в предвид олеснителни околности.

Во случајот со дедо Панче и косата на Шеќеринска, повторо јавниот обвинител одредил дека станува збор за кривично дело „Насилство“ (член 396 од КЗ), а Законот одредил дека за тоа дело казната е од три до десет години затвор.

Хммм, дедо Панче уште може да биде и среќен? Можел да добие десет години затвор за кубењето? Каков е тој закон, какво е тоа кривично дело кое за кубење коса одредува таква казна?

И тогаш погледнувате, па гледате дека станува збор за став 6 од кривичното дело „Насилство“ кое вели дека таа казна ќе се изрече ако при насилството дошло и до тешка телесна повреда на оштетениот, во случајов Шеќериснка.

Еве како е тоа регулирано во КЗ. Значи имаме кривично дело „Насилство“, став 1 кој бара поради тоа дело кај јавноста да било предизвикано „чувство на несигурност, загрозување или страв“, за што се добива меѓу три месеци и три години затвор, а потоа доаѓа дедо Панче, кој добил четири години според став 6 за чија примена потребно е да настанала тешка телесна повреда или смрт. Кутрата Шеќеринска!

Така, Судот немоќно крева раменици. Вели, јавниот обвинител квалификувал дека станува збор за тоа дело, а КЗ ја одредил казната. Судијата му доаѓа нешто како оној што ги регулира возовите и не може ништо друго да стори.

Исто и во случајот со младиот Христовски. Така што, од истакнатото од Судот со кој раководи Џолев, народот поим нема зошто се буни и против кого. И во право е. Прост народ. Ем не знае, ем се нешто не му чини. Ете како и во случајот со Цаца. Седум луѓе заразила, 10 000 евра казна. Ама што е виновен Судот. Така барал обвинителот, така кажувал Законот. Точно 1 428 евра по заразен човек. Одиш на банкомат, проверуваш сметка и ако имаш пари, и се разбира, Ковид 19, тргнуваш во поход. На кивање, на кашлање… и после си плаќаш. Така велел Законот. Кој вели дека за истата постапка се оди и в затвор, ама, од каде пак ние да знаеме.

И навистина, за простиот народ, ете можете, да го прашате и Филипче. На човекот дење-ноќе му компонираат песни и му плескаат, ама народ како народ – не го сфаќа сериозно. И не носи маски. Како да не знае колку е тешко да се плеска и да се напише песна.

Но, да го оставиме Филипче, и да се вратиме на случаите со дедо Панче и Христовски. Значи Судот тврди дека бил врзан во случајот со дедо Панче да го суди за „Насилство“ (како што бил врзан кај Христовски да суди за „Убиство на миг“) кое предизвикало чувство на несигурност и страв кај јавноста и кое предизвикало тешка телесна повреда кај Шеќеринска. Бидејќи тешката телесна повреда не се оценува „од око“ туку врз основа на документ од лекар, баш би сакале да го знаеме тој експерт кој ставил свој потпис под таков документ. Се разбира, обвинителот кој го приложил тој документ и судијата кој го прифатил, не се тајна.

Тоа би било под еден, односно прво!

Вториот момент е прашалникот: како тоа Судот утврдил дека кај јавноста настанало чувство на несигурност и страв? Не сум баш убеден дека некој надвор од Собранието, беше нешто посебно потресен и исплашен. Се разбира, имаше такви кои се згрозуваа, имаше такви кои навиваа наспроти овие првите, и имаше неутрални. Ама дека беа нешто исплашени од влечењето за коса – тоа малку тешко. Посебно што сите три групи категории, и тие згрозените и навивачите и неутралните, видоа дека претходно имаше неуставно, неделовничко гласање за избор на Талат Џаферо за претседател на Собранието и дека сите кои реагираа, вклучуваќи го и дедо Панче, беа испровоцирани од тоа, освен тие кои раководеа со шемата, како Крсто евроинтегративецот и тие кои стоеја зад него во целата „игра“, но за тоа друг пат (како што има сведоштва и дека децата кои трчале по момчето кое го уби Христовски, претходно биле испровоцирани).

Така што, никому не падна на памет, не му дојде при душа, било какво чувство на несигурност. Но веројатно Судот мислел на дргите пратеници од СДСМ – и тие се јавност, нели – кои кога виделе како ја тегнат Шеќеринска, така се уплашиле што оној кој е сега директор на БЈБ дури и пиштол извади. Од страв. Шефе, ако се плашиш од тегнење коса, да пукам? Така праша, нели?

Но, чекај малку, нели појдовме од тоа дека Судот бил врзан да суди за тоа дело кое го напишал обвинителот (или МВР)? Или да бидеме попрецизни, па да цитираме уште еднаш: „…надлежни за квалификација на кривичните дела, според која квалификација се одредува казната – доколку се докаже вината, се МВР и Јавното обвинителство, а не судот.“

Се чини, тоа е основата. Судот се буни зошто се правела споредба меѓу пресудата за кубењето на Шеќеринска и пресудата за убиството на Христовски, а тој тука не можел ништо да стори. Дали е баш така? Дали впрочем некој ја оспори надлежноста на ЈО да го квалификува делото или станува збор за срамна манипулација во соопштенито од Судот, а јавноста негодува за нешто друго.

Имено, судењето се одвива врз основа на Законот за кривична постапка (исклучоците со СЈО овој пат да ги оставиме настрана). Тој Закон, пак, има одредби кои велат нешто друго, односно велат дека ЈО е надлежно да ја напише квалификацијата на делото, ама Судот не е папочно поврзан за нејзе. Така, на пример, во член 338 од тој Закон се вели дека при оценка на обвинтелниот акт, „Судот не е врзан за правната квалификација на делото кое јавниот обвинител ја навел во обвинителниот акт“.

Се чини, на ова нема што да се додаде, нели. Ама ова е само оценка на обвинителниот акт.

Но, малку подоле, во член 398 кој се однесува на донесување пресуда, став 2, ЗКП вели:

„Судот не е врзан за предлозите на тужителот во однос на правната оцена на делото“. Еве и со слика:

Значи имаме две одредби врз основа на кои конкретен суд ја води постапката и носи пресуда (меѓу останатите одредби во ЗКП), а кои велат дека судот не мора да се придржува до правната квалификација наведена од обвинителот, како што во соопштението не тврди, ама манипулативно сугерира Судот со кој раководи Џолев (вели „надлежен за правната квалификација“ што е точно, но кога ќе поврзе со погорните редови од соопштението, упатува токму на терминот „врзан за правната кавлифиакција“). Тоа значи дека судот може, но и не мора да ја прифати правната квалификација на обвинителот, а има довоно примери од судската практика за случаи кога тоа еден суд го направил и не погрешил (се разбира, има и обратни примери, но овде говориме за законската и принципиелната поставеност).

Истото се тврди и во еден од последните коментари на ЗКП, издаден во 2018 г., под кој се потпишани дузина или поточно осумина кривичари, небитно кои бидејќи некои од нив не заслужуваат ни името да им се спомене, но Коментарот е тука, тоа се луѓе кои играат активна улога во правниот систем на РМ (а и РСМ) и еве што во него се вели за ова, односно за став 2 од член 398:

Како што можете да видите и прочитате, јасно се вели дека „судот не е врзан…“. Тоа за што тој е врзан е субјективниот момент, односно лицето кое е наведено во обвинението и објективниот идентитет, односно описот на делото, т.е. на фактичката ситуација при која е сторено делото и која треба да се докаже.

Ова навистина има смисла. Инаку, теориски би можело да се замисли дека обвинителот во случај на убиство да поднел обвинение за тешка телесна повреда и судот да не може ништо да стори. Има труп на човек, ама обвинението е за телесна повреда и тука завршува приказната. Впрочем, кога малку подобро ќе се размисли, така било отсекогаш во кривично правниот систем на РМ и со сите закони за кривична постапка наназад. ЈО секогаш бил надлежен за правната квалификација на делото, но судот никогаш не бил врзан за нејзе. И тоа никогаш не било спорно. Досега.

Во основа станува збор за тоа дека јавноста и тоа како има право да ги споредува казните во двата случаи, а судот не бил должен ниту да прифати дека станува збор за убиство на миг во случајот со Христовски, а уште помалку, во случајот со Шеќеринска, да прифати дека станува збор за насилство кое кај јавноста предизвикало чувство на страв, дополнето со тешка телесна повреда на жртвата. Ај, да не си играме, јасно е за што станува збор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.