Поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева, ќе даде исказ откако ќе го искористи своето право да изврши увид во доказите, кој е закажан за во четврток, истакна денеска адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска.

Сметам дека е прекршено правото со тоа што не и е овозможено да даде исказ пред завршување на истрагата. Обвинителството е должно да ја сослуша осомничената пред да се заврши истрагата. Со завршувањето на истата се отпаѓа можноста за влијание врз сведоци, истакна денеска Фрчоска и додаде дека Јанева не е вклучена во истрагата за Меѓународен сојуз.

Сега состојбата на Катица Јанева е добра. Страда од хронични болести, додаде Фрчковска.

Јанева на 20 август годинава беше сослушана во својство на сведок, за следниот ден да биде приведена од нејзиниот дом во Скопје, а Јавното обвинителство за огранизиран криминал и корупција да информира дека ја проширува истрагата за случајот и за Јанева како третоосмничена да побара 30-дневен притвор.

Во обвинителството вчера на распит беше донесен првоосомничениот за „Рекет“ Бојан Јовановски. Тој беше во обвинитеството еден час, но не дал исказ пред обвинителите.

По севкупната анализа на прибраните материјални и вербални докази, надлежниот обвинител од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Рускоска, информираше дека е завршена истражната постапка за „Рекет“ и дека тече рокот од 15 дена за увид во доказите за првоосомничените лица и правото на одбраната да предлага докази во корист на осомничените.

Од обвинителството укажаа на тоа дека давањето на исказ на осомничено лице не е процесно дејствие, што подразбира дека одбрана, односно исказ, може да се даде и во законскиот утврдениот рок кога се врши увид во доказите.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Случајот „Рекет“ Обвинителството за организиран криминал и корупција го отвори во јули годинава, против Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски-Кичеец, за потоа истрагата да се пришири и против Катица Јанева. Сите тројца се наоѓаат во притвор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.