Извештајот на Стејт Департментот за состојбата со човековите права во Македонија за 2020 година наведува дека Владата на Зоран Заев гонела новинари затоа што објавиле доверливи податоци за скандалот Рекет и за други случаи. Наведени се процесите против Александар Митовски од Инфомакс и Љупчо Златев од Лидер, од кои првиот доби и условна пресуда од шест месеци затвор.

– Во текот на годината, Владата гонеше новинари поради објавување на доверливи документи. На 4 март, скопскиот Кривичен суд го осуди новинарот Александар Митовски на шест месеци условна затворска казна поради објавување на доверливи документи поврзани со случајот Рекет. Во неговиот портал Инфомакс тој ја објави првата страница од изјава дадена од сведок во август 2019 година. На 30 јули ОЈО поднесе пријава против Љупчо Златев, уредник на порталот Лидер затоа што објавил доверливи документи од Агенцијата за национална безбедност во два текста објавени во јули, пишува во извештајот.

Митовски објави извадок од сведочењето на Орце Камчев во кое се наведуваше дека високи функционери на владејачката партија СДСМ биле вмешани во скандалот и во изнудувањето пари. Во текстовите објавени во Лидер, се откриваше како агенцијата АНБ одбила да прими поранешен офицер на работа затоа што неговиот татко бил политички поддржувач на партијата ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.