Владејачката партија ДУИ вчера во Липково ја започна постапката за избор на кандидати за градоначалници, но и за советници на локалните избори, а лидерот Али Ахмети најави име кое ќе биде „големо изненадување“ на 5 јуни.

Шпекулациите одат до таму дека в сабота, кога ќе се прославува роденденот на ДУИ, за градоначалник на Скопје заедно со СДСМ ќе биде номиниран кандидат Албанец.

„На 5 јуни, повторно, нашето семејство ќе излезе со платформа која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати како што се дебатираше за „првиот албански премиер“, најави вчера Ахмети во Липково.

Во прилог на ова одат и поставените билборди изминатиот период со зелена боја на кои пишува „Нешто големо доаѓа“. Оваа идеја и кампања се слични во мотивите со онаа пред ланските парламентарни избори во јули, кога ДУИ бараше прв премиер Албанец.

Инаку Еркан Арифи, актуелниот градоначалник на Липково, најверојатно ќе биде кандидат за уште еден мандат на чело на оваа општина.

Актуелниот градоначалник на Липково од редовите на ДУИ, Еркан Арифи, е прв кој доби поддршка за уште кандидатура на претстојните локални избори.

Според извори на Фокус, ДУИ нема да експериментира и ќе истрча со актуелните кандидати за градоначалници во речиси сите рурални општини со кои раководи изминативе години. Нема да има промена ниту во Тетово, каде Теута Арифи ќе биде кандидирана за уште еден четиригодишен мандат.

За Гостивар неофицијално се подготвува поранешниот градоначалник во два мандати Невзат Бејта.

Апетити за Чаир има актуелниот градоначалник Висар Ганиу, но конкуренција му е директорот на ЈП „Паркови и Зеленило“ Ардијан Муча, а за оваа општина пресудно ќе биде влијанието на Изет Меџити, кој е во директен конфликт со вицепремиерот Артан Груби и министерот Бујар Османи.

Се шпекулира дека партиското раководство сака да номинира друг кандидат за градоначалник на Струга на местото на Рамиз Мерко. Со оглед дека ДУИ и СДСМ речиси сигурно ќе настапат со здружени сили на изборите, малку веројатно е Мерко да добие поддршка за уште еден мандат.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.