Повеќе од 10 пати од дозволените концентрации на ПМ10 честички беа измерени околу полноќ во Битола. На официјалната страница за квалитет на воздухот на Министерството за животна средина беа објавени податоци дека мерната станица Битола 2, која се наоѓа во центарот на Битола, измерила 341 микрограм на метар кубен суспендирана прашина.
Апликацијата „Мој воздух“, пак, ноќта измери рекордни за оваа сезона 821 микрограм на метар кубен ПМ10 честички.
Битола и утрово е обвиткана во магла и загадена. Според мерната станица Битола 2 утрово во 8:00 часот покажува многу високо загадување со ПМ 2,5 честичките и високо загадување со ПМ 10 честичките. Во индустрискиот дел пак на Битола мерната станица Битола 1 сè уште не е ставена во функција.
Во останатите градови, пак, утрово состојбата не е ништо подобра. Утрово загаден воздух дишат и Струмица, Кочани и Тетово.

Втор ден магла, како и воздух со тежок мирис и смрдеа, се чувствува и во главниот град Скопје. Сепак, според градоначалникот Петре Шилегов, досега нема измерено доволно високи вредности на загадувањето, за да се активираат мерките против загадување.
Годинава немаме вредности над 100 мг на метар кубен, за среќа, компарирано со минатите пет години. Годинава за наша среќа имаме најдобри резултати, во смисла на најмал број на загадени денови. Загадувањето е феномен или проблем што нема да ни исчезне преку ноќ, меѓутоа ќе се манифестира во намален број загадени денови. Тоа е нешто што и минатата и во текот на оваа година го имаме. Тоа не значи дека не постои, да се разбереме, но тоа значи дека вредностите паѓаат, додаде Шилегов.
Во меѓувреме, граѓаните се загрижени, а над 35 граѓански движења за в петок најавуваат втор протестен марш поради загадувањето на воздухот.
Сè погласни се и теориите дека енормното загадување во Скопје не е поради домаќинствата, како што упорно сака да ни наметне Владата, туку дека во околината се согорува увезено ѓубре.







Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.