Црковните лица од храмот „Свети Петар и Павле“ – Ѓорче Петров ги повикуваат верниците вечерва, на Велика Сабота од 23.45 часот до 00.15 часот, кога се прогласува Христовото Воскресение, да излезат на своите балкони и со свеќа во рака да го запеат тропарот на Воскресението.
Од „Св.Петар и Павле“ најавуваат дека утре 19 април, недела, Воскресение Христово, на Богослужбите, поради избегнување на масовно собирање, ќе учествуваат само свештенослужителите, информираат од црквата. Исто така, на 20 април, понеделник, Воскресение Христово, на Богослужбите, поради избегнување на масовно собирање, повторно ќе учествуваат само свештенослужителите.
На 21 април, вторник, Воскресение Христово, Празничната Литургија ќе се служи со ограничен број на верници, а останатите ќе можат да присуствуваат на истата надвор од храмот заштитени со маски и ракавици и застанати на дефинираната раздалеченост едни од други. Светата Причест, секој од подготвените верници, ќе може да ја примат од 8 до 10 часот во духот на горенаведената претпазливост, соопштуваат од црквата „Свети Петар и Павле“.
Црковните лица го цитираат првото послание од светиот апостол Јован:
„Ние знаеме дека преминавме од смрт во живот, бидејќи ги сакаме браќата/ ближните свои; оној што не го сака братот/ ближниот свој, тој пребива во смртта. Секој, што го мрази братот свој/ ближниот свој, е човекоубиец; и познато ви е дека ниеден човекоубиец нема живот вечен, што ќе пребива во него. Љубовта ја познаваме по тоа, што Тој /Христос/ ја положи за нас душата своја; но и ние сме должни да ги полагаме душите свои за браќата/ за ближните свои. (1. Јован. 3, 14 – 16)“.
Во тој дух, велат тие, е и нашата љубов и одговорност кон нашите ближни, кон сограѓаните, а и свесни за состојбата со пандемијата која го измачува целиот свет, како и нашата држава, оваа година празнувањето на спомен денот на Христовата крсна откупителна жртва и Неговото Воскресение ќе биде прилагодено во однос на реалноста со која се соочуваме.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.