Големиот пожар што синоќа избувна кај велешата населба Дурутовец и кој поради силниот ветер брзо се ширеше кон селото Чолошево и претставуваше опасност по куќите и викендичките, е изгаснат со интервенција од ТППЕ Велес со две возила-цистерни со вода и 13 пожарникари.
Пожарот бил пријавен во ТПП Велес во 19:25 часот, а бил изгаснат во 2 часот по полноќ. Од ТППЕ Велес за МИА информираат дека пожарникарите успеале да спасат од опожарување четири викенд-куќички, а во пожарот изгореле околу 20 хектари со дрвца, сува трева и трње.
Неколку часа по полноќ, во Велес се вратиле и шестте пожарникари со едно возило-цистерна со вода, кои вчера попладне заминаа на помош на пожарникарите и населението во опожарениот реон на Кумановско.
Портпаролот од ЈКП „Дервен“, Тодорка Пенкова Андреева, информира за МИА дека вчера попладне, поради високите температури и запаливите предмети и материи на градската комунална депонија, таа сама повторно се запалила.
Пенкова Андреева потенцира дека тој пожар бил засебен од пожарот кај Дурутовец. и информира дека нивни вработени, со затрупување со песок со булдужер, успеале доцна синоќа да го изгаснат овој пожар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.