Лидерот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, ги известил членовите на ЦС на ДУИ за разговорите со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и заедничкото договарање за излез на овие избори со заеднички кандидат.

Централниот Совет на Демократската Унија за Интеграција на денешната седница во Тетово дискутираше за претседателските и локалните избори, основањето на Изборниот централен штаб и текот на процесот на регистрација на членството на Демократската Унија за Интеграција, соопштија денеска од оваа партија.

Централниот Совет на ДУИ едногласно донел одлука за учество на претседателските и локалните избори во Дебар и Охрид.

Претседателот Ахмети, предложил Централниот изборен штаб да го основа потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити, додека Централниот Совет едногласно ја поддржал одлуката.

Претседателот Ахмети елаборирал околу концептот на консензуалноста, при што истакнал дека носителите на изборниот легитимитет на двете мнозински заедници, во овој случај ДУИ и СДСМ, заедно со претставниците на другите заедници, се договорија за заеднички кандидат за претседател на земјата.

Воедно, потврдени се двете работни групи за предлог на статутарните промени и за политичката платформа на ДУИ после заокружувањето на нормативните делови на Охридскиот Договор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.