По повеќе часовна расправа, Собранието избра пет нови министри во Владата на Зоран Заев. Насер Нуредини ќе раководи со Министерството за животна средина, Горан Милевски со Локална самоуправа, Садула Дураки со Политички систем, Трајан Димковски со Земјоделство, шумарство и водостопанство и Хусни Исмаили со Министретсвото за култура. Позицијата министер за финансии останува празна, откако премиерот Зоран Заев вчера ја повлече кандидатурата, но ќе раководи со ресорот до избор на нов министер.

Најавив промени после првиот круг од претседателските избори, промените се случуваат. Овие промени на Владата се само дел од промените. Следуваат промени во делот на заменичките места, директори на централно ниво, регионално и на локално ниво. Оваа промена има за цел подготовка во период кој е драгоцен и земјата треба да се подготви да го искористи. Таков период се случува во сите земји кога станувале членки на НАТО или отворале поглавјата од преговорите со ЕУ – истакна Заев во завршниот говор на крајот на дебатата.

За изборот на Горан Милевски гласа 65 пратеници, а против беа 24. Садула Дураки доби 65 гласа „за“ и 28 „против“. За Насер Нуредини гласаа 64, а против беа 26. Трајан Димковски доби 66 гласа „за“ и 26 „против“ и за Хусни Исмаили гласаа 65, а против беа 26.

Собранието вчера ги разреши министерот за финансии Драган Тевдовски, министерот за локална самоуправа Сухеил Фазлиу и вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика, кој формално беше министер без ресор, а претходно оставки си дадоа министерот за култура Асаф Адеми, министерот за земјоделие Љупчо Николовски, министерот за животна средина Садула Дураки и министерот без ресор Зоран Шапуриќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.