Пред огрмониот број на граѓани кои вечерва се собраа на плоштадот во Кавадарци за митингот на ВМРО-ДПМНЕ, кандидатот за претседател Гордана Силјановска Давкова на почетокот на своето обраќање потсети дека е избрана на демократски начин, на конвенција, со гласање, а не, како што потенцираше, во хотел. Според Силјановска Давкова, тоа е доказ за внатрепартиска демократија, а нема демократија без внатрепартиска демократија.

Натпреварот беше витешки, се изјаснуваа делегатите и тоа што јас бев онаа што ја избраа покажа дека ВМРО-ДПМНЕ чекори кон вистински реформи, кон демократизација на Македонија, кон превземање одговорност во најтешките моменти за нашата татковина, потенцираше Силјановска Давкова.

Потсетувајќи се на зборовите на Кенеди „Многу ми даде мојата татковина, многу добив од САД, дојде времето јас да им вратам нешто“, Силјановска Давкова рече дека и за неа дојде тоа време, да ѝ врати нешто на Македонија.

Сè што сум постигнала во животот, не сум можела да постигнам ако не сум била од Македонија. Таа била мојата инспирација. И кога предрасуди постојат кон нас, кои доаѓаме од малите земји, ние мора да бидеме подобри од останатите за да им ги срушиме предрасудите и за да нè почитуваат. За жал, она што ние го извојувавме, тие го трошат без да нè прашаат. Тие ја навредуваат не само Република Македонија, туку и нас, нејзините граѓани. Затоа дојде време не само да ги критикуваме, туку да им кажеме дека им дојде крајот, нашиот почеток е нивниот крај, рече Силјановска Давкова.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.