Вонредните парламентарни избори ќе се одржат на 5 јули, објави техничкиот премиер Оливер Спасовски во Куманово. Според него, по завршувањето на вонредната состојба од 14 дена, се исполнува законскиот рок од 22 дена до изборите.

Тоа е единствена опција пропишана со закон, и не постои друг правен механизам. Ако прецизно се одброи, тоа значи дека изборите ќе бидат на 5 јули. Било какво пролонгирање не можно ниту од правен, ниту од праведен аспект. Секој термин на избори кој ќе навлезе во летниот период ќе го загрози гласачкото право на граѓаните, зашто ќе се спротивстави со правото на летен одмор. Избори наесен се опасна идеја по здравјето на граѓаните и економијата, рече Спасовски.

Тој додаде дека ќе биле посреќни ако датумот се одредувал со политички консензус, но бидејќи не можат да се договорат политичките лидери, одговорноста мора да ја преземат институциите на системот.

Со ова ова последно продолжување на вонредната состојба, датумот за избори се фиксира на 5 јули. Ги повикуваме сите партии, особено ВМРО-ДПМНЕ, да преземат одговорни чекори и да бидат дел од решението, наместо да бидат извор на проблемот. Изборите се поважни и од кафеаните и од спортските натпревари, славите и веселбите. Ако можеме да пазаруваме со маска, да седиме во ресторан и состанок под маски, тогаш можеме со сигурност и да одиме на избори – кажа Спасовски.

Техничкиот премиер рече дека Владата не може бескрајно да ја има улогата на извршна и законодавна власт и дека одговорна политика е да се обезбеди работата на сите институции. Тој додаде дека по 5 јули, државата ќе добие нов парламентарен состав и нова Влада со целосен легитимитет и со целосна одговорност, кое е важно и од здравствен, економски и демократски аспект.

Спасовски рече дека нема простор за паника во однос на зголемениот број на заболени од коронавирус, но вирусот не е за потценување и сите треба да се однесуваме одговорно.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.