По големиот број пријави од граѓани, вчера Државен инспектор за животна средина (ДИЖС) во присуство на раководителот на инспекторатот на Град Скопје изврши детална проверка на погоните во Титан Цементарница Усје, за откривање на причините за емисиите на прашина, кои се случија во изминатиот ден.

По проверката беше утврдено дека заради технички проблеми, емисиите настанале во постројката за производство на клинкер, при што се случило истекување на материјал од циклон во текот на интервенција за негово одглавување.

Од ДИЖС информираат дека се настанати фугитивни емисии на прашина, што содржат варовник и лапорец, суровини што се користат за производство на клинкер.

Во моментот на инспекцискиот надзор, Титан Цементарница Усје Ад Скопје, со записник беше задолжена да достави листинг од континуираниот 24 часовен мониторинг на емисии од стационарните извори, согласно А-интегрираната еколошка дозвола за периодот од 9 и 10 јули, соопштија од ДИЖС.

Исто така, како што посочуваат од Инспекторатот, поради високите температури и атмосферски влијанија со ветер, Титан Цементарница Усје е задолжена секојдневно со вода од цистерни да врши прскање на внатрешната инфраструктура на цементарата и патот што води до ископот на лапорец над с. Усје. Постапката за надзор е сѐ уште во тек.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.