Утрово тимови на истражители влегоа во канцелариите на фирмата „Инвока Груп“ од која е купен софтверот за детектирање на сообраќајни прекршоци кои се наоѓаат во станбена зграда како и во домот на сопственикот на фирмата. Претрес во домот на Драги Рашковски немало, објави телевизијата „Телма“.
Рашковски, по одморот во Мексико, од 31 март е повторно на работа во Кабинетот на премиерот. И покрај претстресите и предистрагата за Владата нема ништо спорно и тој не е суспендиран.
Тимот на истражители одзел документи и предмети, кои Обвинителството за гонење на организиран криминал ќе ги чешла за да утврди дали поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, го прекршил законот и ја злоупотребил службената положба при набавката на софтвер вреден 81 илјада евра кој сеуште не е во употреба.
Од Обвинителството, кое по допрен глас почна да го испитува случајот, информираат дека станува збор за предистрага и во оваа фаза не можат да соопштат никакви детали.
Според информациите на Телма, Рашковски сеуште не е повикан на распит во Обвинителството за овој случај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.