Попишувањето на дијаспората како прв чекор во пописот на населението започна со многу контроверзи и нелогичности. Откако неколкумина компјутерџии објавија дека лесно го пробиле системот и оти се регистрирале од Македонија иако тоа треба да биде возожно само од странство, Државниот завод за статистика се закани со казни за сите злоупотреби.
Оттаму велат дека до апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис, наедуваат од Државниот завод за статистика.
– До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Република Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис, односно согласно член 49 од Законот за Попис на населението, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“, наведуваат во соопштение од Државиот завод за статистика.
Од таму потенцираат дека внесувањето на податоци преку ВПН или прикриена ИП адреса, односно самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.
Од ДЗС посочуваат дека со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Република Македонија, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците.
– Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон, истакнуваат од Државниот завод за статистика.
Но, на Фејсбук групата „Македонци во Германија“ имаат проблеми да го пополнат прашалникот а некои од прашањата не се баш јасни.Исто така се жалат дека некои од одговорите во листите не можат да се видат.
Македонската дијаспора вели дека за разлика од нив, албанската е многу поорганизирана и помасовно се попишува а во тоа помош имаат и од локалните конзулати во земјите каде што престојуваат.
Заев: Пописот на дијаспората не може да биде нарушен со попишување на лица од земјава
Процесот на попишување на дијаспората не може да биде нарушен со попишување на лица од територијата на земјава, бидејќи системот и компарацијата на податоците со дата базите тоа ќе го откријат и поништат, изјави денеска премиерот Зоран Заев.
– Не ги знам сите технички детали, но, тоа што знам е дека по прибирањето на податоците се прави компарација по осум бази на податоци. Државата потоа со еден клик може да види кои граѓани се нерезидентни, односно се повеќе од една година надвор од државата. Сите други граѓани кои се во странство помалку од една година, па дури и 11 месеци, се резиденти. Иако во моментов може да се попише некој што е и два месеци надвор, според Евростат и по меѓународните стандарди тој е резидент, односно не спаѓа во групата дијаспора или нерезидентно население, рече Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.