На неколку дена пред новогодишните празници инспекциските служби ги интензивираа надзорите на терен и во соработка со МВР во текот на минатата недела се спроведоа голем број координирани акции кај различни субјекти. Во период од 14 до 20 декември седум инспекциски служби извршија вкупно 5 858 контроли и надзори. Државниот санитарен и здравствен инспекторат во тој период изврши вкупно 98 надзори врз основа на кои изрече 10 решенија. Притоа, овој Инспекторат, што е задолжен да издава решенија за изолација на заболени лица од коронавирусот, како и на лица кои биле во контакт со заболено лице, издаде и 9 065 решенија за изолација и домашно лекување.

Ова денеска на прес-конференција го истакна претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, која рече дека во истиот овој период инспекторите од Државниот пазарен инспекторат извршиле 4 338 контроли и 546 надзори поврзани со почитувањето на здравствените протоколи за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти, но исто така поврзани и со голем број на други материјални закони по коишто постапува овој Инспекторат.

(фото: Влада на РМ)

При спроведените надзори од страна на пазарните инспектори, посочи Филиповска-Грашкоска, изречени се 39 прекршочни пријави, 58 решенија за констатирани неправилности, како и 49 прекршочни платни налози. Потенцира дека од вкупниот број решенија, осум се донесени поради непочитување на Законот за заштита на населението од заразни болести и протоколот за работа на угостителски објекти кои се однесуваат за: по три угостителски објекти во Скопје и во Гостивар и за два угостителски објекти во Куманово во кои не се почитувало работното време или ограничувањето до четири лица на една маса.

Во сите случаи е изречена забрана за вршење на дејноста, односно истите се затворени за работа, а дополнително се изречени и соодветни прекршочни платни налози. Во истиот овој период Инспекторатот за транспорт изврши 53 надзори, при што за непочитување на материјалните закони изречени се 11 прекршочни пријави и осум решенија. Од вкупно спроведените надзори, 23 се извршени согласно Законот за заштита на населението од заразни болести, при што се изречени три прекршочни пријави поради непочитување на протоколите за превоз на патници и тоа една прекршочна пријава за превоз на патници во Ресен и две прекршочни пријави за превоз на патници на граничен премин Деве Баир, рече Филиповска-Грашкоска.

Таа истакна дека Државниот инспекторат за труд, пак, во изминатите седум дена извршил вкупно 450 надзори во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на здравствениот протокол за превентивни мерки за сите работни места. Притоа, овој Инспекторат, појасни таа, изрече 12 решенија и пет прекршочни платни налози кои се однесуваат на утврдени неправилности од областа на работните односи и безбедноста и здравје при работа.

Во однос на Законот за заштита на населението од заразни болести Филиповска-Грашкоска рече дека трудовите инспектори во три случаи констатирале прекршување на протоколот за превентивни мерки на сите работни места за што изрекле соодветна мерка.

Агенцијата за лекови и медицински помагала, пак, во истиот овој период спроведе 28 надзори во аптеки на територијата на целата држава и притоа се контролирани формираните цени за заштитни средства од корона каде што не се утврдени неправилности, но се издадени две решенија согласно Законот за лекови и медицински помагала. Агенацијата за храна и ветеринарство, пак, изврши 303 надзори, при што издадени се девет решенија, 14 едукации и шест прекршочни налози по основ на нерегистриран оператор, непостапување по наредени мерки, неизвршени здравствени прегледи и неправилно складирање, чување и означување на производи, рече Филиповска-Грашкоска.

Таа нагласи дека Државниот инспекторат за животна средина во текот на минатата недела извршил вкупно 42 надзори и издал три решенија за констатирани неправилности, два прекршочни платни налози и една прекршочна пријава.

Дополнително од страна на Државниот инспекторат за животна средина е поднесен и предлог за одземање на Б-интегрирана дозвола за непочитување на условите, а генерално утврдените неправилности од страна на овој Инспекторат се однесуваат на неплатени надоместоци за водно право, горење отпадно масло во автосервиси и непочитување на услови во издадена Б-интегрирана дозвола, рече Филиповска-Грашкоска.

Апелираше до сите граѓани и стопанственици да бидат свесни при прославувањето на празниците кои доаѓаат и да ги почитуваат протоколите и препораките за спречување на ширење на коронавирусот. Филиповска-Грашкоска потенцираше за интензивирање на активностите пред новогодишните празници и продолжување на активната соработката со Министерството за внатрешни работи и во следниот период како би се загарантирало одговорно прославување на претстојните празници.

Посочи дека инспекциските служби ќе продолжат да работат со полн капацитет и во следниот период и неселективно и навремено ќе ги санкционираат сите кои преку непочитување на протоколите и мерките го загрозуваат јавното здравје и здравјето на граѓаните.

Ги повикуваме граѓаните и стопанствениците да бидат совесни и трпеливи. Да ги почитуваат протоколите и препораките за ширење на коронавирусот и сигурно и тивко да ги прослават претстоечките празници. Инспекциските служби не застануваат со работа и за време на новогодишните празници. Секој еден кој на било кој начин ќе го загрози јавното здравје ќе биде неселективно и навремено санкциониран. Да прославуваме одговорно!, додаде Филиповска-Грашкоска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.