Инфективното одделение во штипската Клиничка болница е исполнето до последниот кревет. Со истиот проблем се соочува и струмичката болница каде се лекуваат Ковид-пациенти.
Директорот на Клиничка болница – Штип, Ален Ѓеорѓијев за МИА вели дека во моментов на Одделението се хоспитализирани 55 пациенти, од речиси сите општини од источниот регион на земјава.
Почнавме со препраќање на пациентите во кочанската болница, бидејќи кај нас нема слободни болнички кревети. Може да се случи, во текот на овие денови и пациенти од Штип да бидат испратени на болничко лекување во болницата во Кочани – изјави Ѓеорѓијев.
Тој истакнува дека 10 пациенти инфицирани со корона вирусот се со потешка клиничка слика и се на кислородна поддршка.
Директорот на струмичката болницата, Наќе Гогов, информира дека сите 39 кревети наменети за лекување на Ковид-пациенти во струмичката болница се полни, а секојдневно на амбулантско лекување доаѓаат и дваесетина пациенти со полесна клиничка слика.
Капацитетот на Инфективното одделение од 20 кревети од порано е исполнет, а од вчера и ковид центарот со капацитет од 19 кревети е полн. Засега успеваме со нашите ресурси да одговориме на потребите на пациентите, но доколку и понатаму продолжи трендот на зголемене број на новозаразени ќе мораме да ги прошируваме капацитетите – вели Гогов.
Поради недостиг од медициски персонал деновиве раководството на болницата побарало од ресорното министерство да дозволи распоредување на дополнителни десет лекари од други болници во државата и прием на шест медицински сестри.
Доколку нема средства за прием на нови сестри, тогаш да ни дозволат да ги ангажираме со договор на дело за да можеме да функционираме – додава Гогов.
Досега на подрачјето кое го покрива Центарот за јавно здравје во Струмица, се регистрирани 558 лица со Ковид-19, а во моментов активни се 358 случаи на различна возраст.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.