По низата несупеси претрпени во своите постапки, дојде момент да се постави и клучното прашање за Државната комисија за спречување на корупцијата-дали меѓу антикорупционерите има корупција?!

Ова се наметнува по донесената одлука на Комисијата дека во случајот со директорката на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска, нема случај на судир на интереси и во спроведувањето на јавните набавки и во случај на направените измени во Правилникот за систематизација на Клиниката.

Одлуката била донесена на 11 август годинава, но тоа што е индикативно е што таа е целосно анонимизирана, односно не се споменуваат ни имиња ни презимиња на одговорни лица, ниту, пак, имиња на институции и фирми.

 

А, уште поииндикативно е што со неа се пробиени сите законски предвидени тајминзи за носење одлука. Или, законски предвидениот рок од 60 дена е пролонгиран на повеќе од две ипол, односно година ипол. Зашто, во истиот предмет се споени две анонимни пријави од кои првата, за судир на интереси при набавка на лекови, датира од 9 февруари 2018, а втората, за судир на интереси при поставување раководни кадри на Клиниката, од 9 април 2019 година.

Ова значи дека првиот предмет седел во нечија фиока повеќе од две, а вториот повеќе од една година, за конечно, на крајот, антикорупционерите да одлучат дека и во двата случаи нема основа за утврдување судир на интереси кај директорката Ирина Пановска. А, што може да биде причина за ова, ако не основано сомневање за постоење корупција меѓу антикорупционерите или, едноставно, не постоење вистинска желба кај нив искрено да се борат против криминалот и корупцијата. Зашто, неминовен е заклучокот и впечатокот дека покрај ваквата „ажурност„ на антикорупционерите човек треба да биде среќен ДКСК да му отвори предмет, со оглед дека како таков сигурно ќе им падне пред надлежните институции или ќе стои во нечија фиока до носење на одлука, со која се се простува.

Првата анонимна пријава против директорката Пановска опфаќа јавни набавки на медикаменти уште од 2017 година и основниот проблем е што на нив учествувала веледрогеријата „Д-р Пановски“, која е во сопственост на нејзиниот татко. Не постапувајќи навремено, во законски предвидениот рок од 60 дена, и на директорката и на веледрогеријата им е дадена можност веќе спроведените јавни набавки да ги „премостат“ со дополнителен временски период во кој се направени статутарни промени со кои се овозможува потписник на договорите за јавни набавки да биде првиот човек на Управниот одбор на Клиниката за хематологија, а не како дотогаш, директорката Пановска. Па така, класичниот судир на интереси ќерката да набавува медикаменти од својот татко вешто е избегнат со влегување во игра на првиот човек на Управниот одбор на клиниката.

Кај вториот предмет, пак, судирот на интереси кај „анонимната“ директорка на Клиниката, барем според образложението на ДКСК, е „превеслан“ со стручноста на лицето одредено за спроведување на јавните набавки.

Ако двата предмета биле толку чисти, се поставува прашањето зошто на антикорупционерите им биле потребни две ипол, односно година ипол за решавање? И зошто воопшто се чекало повеќе од една година за спојување на двата предмета во еден?

На рокот на одлучување на ДКСК беше укажано и во последниот извештај на Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Во него, меѓу другото, се укажува дека досегашната пракса од работата на антикорупционерите покажува дека рокот на нејзините постапки се движи од минимум 42 до максимум 273 дена, или просечното времетраење на постапка е 5 месеци и 15 дена! А, некои предмети траат и по повеќе од шест месеци!

Само за потсетување, неодлучувањето во законски утврдениот рок е основ за разрешување на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата.

Последниот состав на ДКСК беше избран со многу помпа и нормално беше дека и очекувањата на граѓаните за борба против корупцијата ќе бидат многу поголеми. Меѓутоа, од досегашната пракса непобитно произлегува заклучокот дека антикорупционерите, чест на исклучоци, се тотално неподготвени и нестручни и за кривично, и за управно, и за прекршочно право! Предметите од сите овие области им паѓаат како зрели круши пред надлежните институции. А, сега сосема оправдано се отвораат сомнежи и за постоење корупција меѓу антикорупционерите!



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.