Течат последните неколку дена во кој претседателот Пендаровски треба да го даде мандатот за формирање на влада согласно резултатите од изборите на 15 јули. Уставот пропишува дека тој е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на владата да го додели на партијата, односно партиите кои имаат мнозинство во Собранието.
Но, тука се појавуваат две дилеми. Дали Собранието се смета за целосно конституирано без избран претседател, и тоа што засега ниту една партија или коалиција нема мнозинство во Собранието.
Актуелниот претседател на Собранието, Талат Џафери, се уште нема испратено писмо до шефот на државата во кое треба да го информира дека Собранието е конституирано. Извори во ДУИ велат дека за нив се уште не се почнати десетте дена во кои претседателот треба да одреди мандатар за состав на Владата.
Самиот Џафери, за „ТВ21“ вели дека конститутивната седница е прекината и со тоа не е формирано Собранието, а дека неговата улога сега е како претседавач.
Не може без избран нов претседател на Собранието да се смета дека парламентот е конституиран. Ова значи дека се уште нема кој да го информира шефот на државата за тоа дека е формирано ново парламентарно мнозинство и роковите затоа се уште не се почнати – вели Џафери.
Спротивен став имаат од Кабинетот на претседателот, Стево Пендаровски. Оттаму велат дека согласно уставните одредби во член 90, рокот за доделување мандат е 10 дена од конституирањето на Собранието.
Претседателот го очекува дописот од претседавачот Талат Џафери со кој ќе информира дека Собранието е конституирано со верификација на мандатите на 4 август годинава, велат од Кабинетот на претседателот Пендаровски.
Со денот на верификација на мандатите на пратениците се смета дека Собранието е конституирано. Без разлика на дописот, согласно уставните норми, роковите за доделување на мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието течат од 5 август 2020 година – велат од Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски.
Другата дилема која се поставува зошто Пендаровски го чека крајниот рок и дали можеби со тоа му дава дополнително време на Заев за договор за формирање влада и на можни комбинаторики со партиите од албанскиот блок.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.