Ситуацијата во Прилеп со ковид-пандемијата е алармантна и крајно загрижувачка, оцени денеска Кризниот штаб и бара заострување на мерките, полициски час од 19 часот, како и скратен и редуциран јавен превоз од утре. Од граѓаните се бара голема совесност и одговорност.

Според градоначалникот Илија Јованоски, Прилеп цел месец е втор град со новозаразени, по Скопје. Граѓаните се неодговорни, се групираат, а голем број ги кријат контактите.

-Од тие причини, Општинскиот кризен штаб бара од Главниот кризен штаб, од Владата и Комисијата за заразни болести, заострување на мерките кои ќе се однесуваат на целата територија на општина Прилеп. Полицискиот час, кој сега започнува во 22 часот и трае до 5 часот изутрина, да започнува во 19 часот и да трае до 05:00 наутро. Ваквата мерка да трае наредните две до три недели, затоа што во тој период очекуваме овој таканаречен трет бран на пандемијата да го достигне својот пик, изјави Јовановски.

Дополнително, Општинскиот кризен штаб донесе заклучок со кој се редуцира јавниот превоз. Од утре, автобусите на јавниот превоз ќе собраќаат до 18 часот и во помал број. На влезовите на Градскиот пазар ќе бидат поставени ковид-штандови и на секој граѓанин кој влегува во пазарот ќе му бидат дезинфицирани рацете и доколку не носи заштита маска нема да му биде дозволен влезот. Со асистенција на волонтери и полицијата, ќе бидат засилени контролите за да се спречат групирања во пазарот, а полицијата и Пазарната инспекција ќе продолжат со засилени контроли во угостителските објекти.

Во Прилеп има вкупно 804 активни случаи. Во Болницата се хоспитализирани 89 лица, од кои 77 се на кислородна поддршка. Само за едно деноноќие, за преглед на Инфективното одделение се јавиле 105 пациенти, а починале 5 лица



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.