Денес Македонија ги празнува двата светли Илиндена, првиот кој беше крик на поробениот народ и вториот, таа 44та, кој беше продолжение на првиот и кој значеше крунисување на нашата борба за своја Македонска држава. И секогаш кога ќе се спомене Илинден треба да се има во предвид дека Илинден не е почетокот, туку влегувањето во финишот на една вековна борба за слобода, каде многу генерации херои и хероини ги положија своите животи. Илинден не е само Крушевското востание, туку многу повеќе од тоа, воскрикот на Македонецот на секоја педа македонска почва. Ова денеска од Ташмаруништа го порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Тој додаде дека Илинден е и отпорот и пркоста на Ташмаруништа, жилавоста на битолските и охридските комити и војводи, отпорот на секој слободномислечки Mакедонец против тогашната власт која притискала, прогонувала и заробувала.

А ВМРО, ВМРО е темелот на Илинден, составен дел од таа борба за слобода и затоа ВМРО му припаѓа на Македонецот. Тоа е неговиот сопатник и пријател низ времето. Вториот Илинден е само продолжение на тоа каде се стигнало со првиот. Партизаните кои го носат пламенот на слободољубието наследен од Илинденците конечно победуваат и ја плаќаат високата цена за денешната слобода. Во таа борба подеднакво се големи сите титани кои се нашите македонски апостоли на кои имаме и историско и културно право да се повикуваме, вели Мицкоски.

Мицкоски додаде дека Гоце Делчев беше идеологот на таа борба за слобода чија судбина не сакаше да го дочека Илинденското востание, но неговото име и чест продолжуваат да живеат.

Тука се и Даме Груев, Татарчев, Никола Карев, Ѓорче Петров, Христо Узунов, Методиј Патчев, се до Ченто, Пирузе, Панко, Апостолски. Сите се овие македонски синови од кои не смееме и немаме ниту историско право да се одречеме ниту да го посрамотиме нивното дело, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.