Во гостување во дебатната емисија „Што не е јасно?“, Богдан Илиевски зборуваше за моменталната политичка ситуација во државата, случајот за „27 април“, економската и здравствената криза, како и за очекувањата во наредниот период.

Илиевски истакна дека е несомнено оти луѓето кои се затворени за случајот „27 април“ се политички затвореници, а тоа го потврдува и фактот што на анкетите кои се спроведени изминатите денови, над 50% од испитаниците сметаат дека тие луѓе се затворени поради политички притисоци и закани. Илиевски додава дека сето тоа било сценарио на власта и со цел умртвување на желбата за борба за подобро утре на граѓаните.

Тој вели дека по немилите настани на 27 април биле направени медиумски хајки кои траеле долго време со што се придонело да се создаде атмосфера луѓето да бидат осудени уште пред самото судење. Илиевски додаде дека целиот случај бил воден со двојни аршини, а со тоа се докажало дека судството во Република Македонија е клекнато на колена и потребни се реформи, но вистински реформи.

Тоа беа трауматични денови за сите кои бевме учесници, односно осуденици за немилиот настан. Се вршеше изживување како врз нас, така и врз нашите семејства, бидејќи бевме третирани како вистински терористи, иако сега по неколку години, граѓаните увидоа дека не е така. Државата потклекна во повеќе наврати, особено што, на неколку пати се зедоа за веродостојни изјави на луѓе кои очигледно лажеа, за потоа да се уверат дека тоа не е така. Голема е маката на семејствата коишто имаат свој близок во затворите, страдаат семејствата, како и нивните деца. Тоа не смее да се дозволи повеќе – истакна Илиевски.

Тој потенцира дека мора да се каже вистината и дека нема зошто да се лаже или измислува.

Вистината треба да исплива на површина базирана на факти и аргументи, а потоа да се поведе нова постапка која што ќе овозможи фер судење на оние кои се уште се во затворите. Очигледно и јасно како ден е дека пресудите беа политички, а особен придонес во тоа даде и Вилма Рускоска, којашто во ниту еден наврат не го оспори тоа дека и самата била вклучена во донесувањето на пресудите.

 

Правдата во државата мора да дојде ден поскоро, бидејќи еден ден во затворите не може да се спореди со еден ден на слобода. Децата на затворениците треба да ги дочекаат своите татковци живи и здрави и да растат покрај родителите – порача Илиевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.