Не знам која мафија е полоша, дали нарко-уличната која киднапира, рекетира, тепа, убива, сече глави, прави ќебапи од луѓе, дига во воздух автомобили… или судско-обвинителската корумпирана џгановина, збирштина на бескичмени корумпирани интересџии кои за сопственото псеудо-реноме, статус и пари на перфиден начин „сечат глави“ со службени белешки, менувани изјави, записници, сведочења итн итн… и во нивна функција, по службена должност, „ја имаат“ целата полиција во земјата, коментира Богдан Илиевски.

Од првите некако и може да се браниш, вели тој, бидејќи напаѓаат со конвенционални оружја и обично не ја кријат војната. Од вторите, спасот е многу потежок, бидејќи имаат медиумска камарила на испомош, која слугува на политичките и криминални интереси кои ги сервисираат ваквите подли џганови во тоги. И не пишувам „чест на исклучоците“ бидејќи тоа се подразбира, но ќе престане да се подразбира во мои очи за секој исклучок во рѓосаниот систем кој ќе продолжи да биде дел од него, а ќе молчи за сето ова што се случува. А што се случува?

Еве скица од денес, само од еден ден:
-за претседател на Уставен е избрана судијка која истиот Уставен пред 2 години ја посочил како судијка која донела неуставна одлука кршејќи основни човекови права и слободи; екстра: судијката половина пресуда за 27-ми април ја темели на изјави на обвинет со 4 различни верзии на настаните, илјадници страни крими досие и ИСТОРИЈА на лажни сведочења на суд
-обвинителството и судот спречуваат изведување докази во кои се споменува името на премиерот и поранешен шеф на телото за реформи во правосудството Зоран Заев
-тој пак кутриот изјавува дека не и верувал на ВиРус за Рашковски, откако неговата партија пред 4 години „ги даде инструкциите“ за „тероризмот“ кој заврши во обвинението на ВиРус за 27-ми април
-ова само ја потврдува кулоарската теорија дека Зоќеслав намерачил да ја менува ВиРус-ка која пак повторно спасувајќи ја сопствената кожа, а не принципите на правото и правдата, работи обидувајќи се да сруши едни, а да изгради други мостови
-се појавува документ и доказ дека имало ПРОМЕНА на записник за криминал во РЕК Битола од кој е избришано име на извесно лице со исто име како братот на премиерот… сомнежот е дека во бришењето учествувале и обвинителката која е сега во немилост и еден пензиониран џандар од пред некоја недела, за чија пензија причината е веројатно иста – немилост кај власта
-но денешната немилост, била различна очигледно во периодот кога се бришеле имиња од записници (како и во периодот кога се штанцале обвиненија кои „како да се пишувани на Бихаќка“ а дадени само на потпис во ОЈО)
-потсетување: обвинителкава беше прв пик за наследник на Кејти Јан, дури од притвор потпишуваше одлуки Катица, што не смееше, па Јовески и ги прифаќаше, што исто така не смееше (по закон мораше да ја оддалечи од функција откако влезе во притвор)
-истиот Јовески во кулоари е посочуван како човек кој во последно време и одземал истраги на неговата „довчерашна“ партнерка во /борбата против?/ криминалот. И ги делел на луѓе кои мисли дека подобро се разбираат во криминал.
-меѓу нив се луѓето кои измислуваат тероризми и чекаат резултати од референдум за името за да знаат како да го тераат случајот
-во ова правосудство луѓе се шибаат во притвор со фамозните „службени белешки“ пишувани не од оперативци со сознанија од терен, туку согласно насоките од политичко-криминалните кујни
-ние немаме систем, ние имаме ‘рѓа на сите нивоа. И се давиме во неа.

Илиевски додава дека ако човек се обиде да ги поврзе и разбере сите превирања, кланови и „на ти го-дај ми го“ во судството, ќе полуди, бидеќи се ненормални. Не може нормален човек тоа да го сфати. Бидејќи не е нормално!
Сфаќате ли сега зошто не сум сигурен која е поопасната мафија?



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.