Воениот и цивилниот персонал на служба на нашата Армија не смее да раководи, да ја застапува и претставува било која политичка партија и да биде член на органи на партија утврдени со нејзиниот статут.

Ова се предвидува во измените и дополнувањата на Законот за служба кој наскоро треба да се најде пред пратениците, а доби зелено светло од Владата.

Целта на овој закон, според министерката за одбрана Радмила Шекеринска е да не се доведе во прашање професионалноста, непристрасноста и законитоста во вршење на работите во Армијата и во Министерството од страна на воениот и цивилниот персонал. Дополнувањето е по пример на решението во Законот за внатрешни работи.

Измените во законот предвидуваат и вонредно унапредување на воените старешини распоредени во министерството за одбрана и генералштабот на Армијата кои претходно немале таква можност бидејќи Законот не предвидувал постапка за вонредно унапредување за старешините во Министерството и ГШ.

Армијата веќе има законска можност за стипендирање на студенти со критички специјалности за потребите на Армијата, а новите измени предвидуваат стипендирање од 30 до 80 проценти од просечната плата и еднократна награда за повисоки стипендии од 50 отсто за оние кои ќе имаат просек над 8 и 100 проценти за просек над 9.

Офицери кои не ги исполнуваат целосно условите за пензија 55 години старост и 40 години стаж со измените во законот ќе можат да одат во пензија.

Ако има некој на пример над 55 годни, а има 38 годни стаж или 45 годни стаж, а нема 55 годни старост и има интерес од нивна страна да заминат во пензија и од наша заради нивата формација, но ПИОМ не дозволуваше бидејќи едниот од условите не го исполнуваа. Сега ќе можат и тие да одат во пензија со 80 проценти од 10-те најдобри години со плата. Доколку им фали некоја година стаж, основицата за пензиско им се намалува за 0,5 отсто – појасни Шекеринска.

Со првите измени од Законот за служба во 2020 година, меѓу другите придобивки, секој припадник на Армијата месечно добива надоместок од околу 8.000 денари за станарина, а по зголемувањето на платите на воените лица, зголемување од 16 проценти добија и цивилните лица во Армијата. Со закон се укина и условот за прием во служба како професионален војник, одредбата доброволно служење на воен рок. Минатата година беа воведени и условите за пензионирање каде се зголеми и износот на пензијата односно се пресметува 80 проценти од најдобрите десет години со плата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.