Одборот за доделување на државната награда „22 Ноември“ во Собранието ја додели наградата „22 Ноември“ за 2021 година на политикологот Илбер Села и писателот Фејзи Бојко.
Станува збор за признание што се доделува на луѓе од политичкиот, културниот и општествениот живот, кои дале свој придонес во унапредувањето на меѓучовечкиот соживот и меѓусебното разбирање на припадниците на различните заедници, култури и вери во државата.
Писателот Фејзи Бојко се заблагодари за добиената награда, а на припадниците на албанската заедница им го честиташе Денот на албанската азбука – 22 Ноември.
По мое мислење, овој празник е еден од најголемите празници за Албанците. Ова е празник и за Македонија во која живееме со векови, и општо земено добро се разбираме. Во историјата сме биле и подредени. Можеби имало случаи и ќе има на недоразбирање, меѓутоа сите сфативме дека единствено праведно, напредно корисно решение е што подобро да се запознаеме, да бидеме еден со друг и да имаме една заедничка цел, која води кон вистинскиот, искрениот и човечкиот пат за подобар заеднички живот – изјави Бојко по врачувањето на наградата.
Бојко во изминативе децении има преведено 40-тина дела од македонски на албански јазик, како и шест книги од албански на македонски јаизк. Автор е на 16 оригинални дела збирки поезија, како и раскази за деца и млади.
Како коавтор е трикратен добитник од конкурсот на Министерството за образование во 2009 година, за книгите за јазик и литература за четврто, шесто и седмо одделение.
Илбер Села е редовен професор на Универзитетот во Тетово од 2010 година, а работел и како советник за евроатлантски прашања во Министерството за одбрана. Исто така, бил и претседател на Комисијата за издавање на универзитетски дипломи при Министерството за образование и наука, а исто така дал придонес како член на Советот на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Македонија. Избран е и за директор на Агенцијата за примена на јазици.
Од Одборот за доделување на државната награда на припадници од албанската заедница им го честитаа Денот на албанската азбука, а на добитниците на наградата „22 Ноември“ и нивните семејства им честитаа за добиената награда.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.