Поминаа точно две години од Валандовскиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, на кој со поддршката од 376 делегати Христијан Мицкоски стана третиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Во време на големи политички порази, на разединетост во партијата, по низа големи политички настани во државата, кои силно се одразија на целокупниот општествен и политички живот и во државата, но и внатре во партијата која штотуку беше замината во опозиција, професорот Христијан Мицкоски од Машинскиот факултет, кој половина година беше генерален секретар на партијата, стана претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Како беше претставен пред Конгресот во Валандово единствениот кандидат за претседател Христијан Мицкоски
Со 376 гласови „За“, Христијан Мицкоски на конгресот во Валандово беше избран за нов претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Од 30 јули 2017 година до 23 декември истата година Мицкоски ја вршеше функцијата генерален секретар на партијата.
За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ тој беше претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ и професор на Машинскиот факултет на УКИМ.
Пред Валандовскиот конгрес Мицкоски беше претставен како млад, перспективен кадар на партијата. Неговото богато работно искуство е надополнето со преку 100 научни трудови, а добитник е и на повеќе меѓународни награди и признанија за иновации. Партиципирал во изработка на редица меѓународни развојни проекти од областа на енергетиката и мехатрониката.
За стручноста и капацитетите на новиот генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ говори и фактот што АД ЕЛЕМ во соопштение во минатата година напиша „’Електрани на Македонија’ може да има само придобивки од искористувањето на стручениот, професионалниот и меѓународно признат капацитет на Христијан Мицкоски, кој ќе ја продолжи и унапреди развојната политика на компанијата.
Учествувал во изработка на редица меѓународни проекти од областа на енергетиката и мехатрониката, а во 2001 година е избран за најдобар дипломиран студент на Машинскиот факултет во Скопје. Неговата академска надградба продолжила на универзитети во Германија и Италија каде магистрирал и докторирал, а реализирал и неколку студиски престои во Италија, Австрија и Германија. Оттука, „Електрани на Македонија“ може да има само придобивки од искористувањето на неговиот стручен, професионален и меѓународно признат капацитет кој ќе ја продолжи и унапреди развојната политика на компанијата.
Мицкоски од 2015 година до крајот на мандатот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ беше советник за енергетика на претседателот на Владата, во моментов е вонреден професор на Машинскиот факултет во Скопје, а во 2011.година, Мицкоски бил и визитинг професор на Техничкиот универзитет во Виена.
Новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ има и големо партиско искуство, но не бил јавно експониран: тој во април годинава беше избран за претседател на Кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, а член на Комисијата е од јули минатата година, беше дел и од Републичкиот изборен штаб на изборите во 2011. година, а претходно и од Регионалниот изборен штаб на Изборната единица 4, на изборите во 2008, 2014 и 2016 година.
Мицкоски беше и копретседател на Комисијата за енергетика во периодот од 2010 до 2012 година.

Во поздравниот говор по изборот за претседател на најбројната партија во Македонија, четириесетгодишниот Мицкоски ќе рече:
Јас ќе се трудам да ги вклучам сите кои сакаат да помогнат во борбата на демонтирање на оваа неспособна власт предводена од СДСМ, влада безидејна, без проекти. Без суета, без непотребни каприци, секој граѓанин кој сака да помогне, и во програмскиот дел, и во организацискиот дел, и во креирањето и одбраната на политиките и новата визија и план кои се пред нас, но и во напорите да се посочат реалните проблеми и да се избориме за подобро утре за целиот народ.
Сакам да ве уверам, постојано од денеска натаму ќе го правам тоа ќе одговарам пред вас, ќе бидам секојдневно на ваше располагање заедно да одлучуваме, тоа ви го ветувам. ВМРО е најдлабоката емоција на овој народ, вграден елемент во неговото битисување. Тоа е израз на најслободарските идеали, но и рефлексија на жестокиот притисок, и борба за своја држава и независност на нашиот народ. Ако многу други народи имаа свои движења, организациии, паметници на своите историски подвизи, херојски чекори и достигнувања,Македонија го има ВМРО, а ВМРО не се само штабовите, органите на партијата, туку секој чесен граѓнин кој ја сака Македонија, и во кој живее таа непоколеблива пркост која ги натера многу херои во минатото да ја побараат слободата, многу интелектуалци тоа го правеа со своето перо, а еве денес нашата генерација стои пред предизвици и прашања подеднакво големи како во минатото, и токму сега повеќе од кога и да е, е потребна мудрост и разум и пред се трпение.
На Македонија ѝ престои време што бара енергичност и заеднички напори. Теренот, градовите, населбите, маалата и улиците ќе останат природната средина во која ќе функцонира ВМРО-ДПМНЕ и активистите на оваа партија.
И ако пред две години постоел и најмал сомнеж дека овие зборови се празни слаткоречиви фрази преточени во победнички говор, денес, по две години премрежиња и искушенија со кои беше нападната и пред кои беше исправена неговата партија, наметнати од надвор или предизвикани однатре, можеме слободно да констатираме дека не само што не скршнал од својот пат, туку и опстојал идејата да ја претвори во цел.

Уште повеќе, сега веќе редовниот професор на Машинскиот факултет се позиционира цврсто на чело на партијата и успеа својата принципиелност и политичка мудрост да ја наметне во јавноста како лидер на кој треба да му се даде шанса, и кој со својата одмереност и родољубивост, многу брзо ја придоби довербата кај граѓаните, но и успеа да го зацврсти членството, кое веќе беше на големо поделено и разочарано.
ВМРО-ДПМНЕ е најголема и најорганизирана политичка партија во која е многу нормално да има различни мислења и ставови се до моментот на носење на конечна одлука. Логично е веќе кога се вклучувате во политичка партија, да ги почитувате политиките и одлуките во таа партија, што не беше случај со 7-те пратеници кои ги исклучија, а постапија спротивно политиките на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ не е хорско друштво, па секој во различен тон да пее. Е сега кога вие знаете дека има конгресна одлука, која што дава точна насока како треба да се постапува по прашањето за името, конгресна одлука од Конгресот во Валандово која што е продолжување на одлуката од Конгресот во Куманово, која што е продолжување на одлуката од Конгресот во Битола, имате партиска програма со која сте излегле на изборите во 2016 година врз основа на која вие сте го добиле мандатот, имате одлука на Извршниот комитет, имате одлука на Централниот комитет и вие постапувате спротивно на таа одлука. Во политиката и во партиите е многу важно доколку се има сет на документи и серија политики да продолжат да се следат бидејќи на друг начин тие ја ризикуваат позицијата меѓу сопартијците, ќе рече во една пригода Мицкоски за превирањата во партијата и за одметнувањето на седумте пратеници кои гласаа за уставните измени.
Овие случувања дојдоа на точно една година од неговото назначување на чело на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа, по едно внатрепартиско затишје како да следуваше втемелување на разнишаната партија, а тоа повлече и континуиран раст на рејтингот на Мицкоски.

Дека Мицкоски се постави како современ млад европски лидер, политичка фигура несекојдневна за македонските политички прилики зборуваат и анкетите. Од рејтинг 2,9 проеценти во почетокот на мандатот, Мицкоски на најновите анкети има рејтинг од 12,1 процент.
Со друг зборови тој е политички лидер со најголем раст на рејтингот кај граѓаните. За споредба, тој минатата година уживал доверба од 2,9 проценти кај народот, а годинава довербата се искачила на 12,1 процент.

Според последната анкета најголем број од испитаниците одговориле дека голема поддршка и даваат на ВМРО-ДПМНЕ или 26.77 во проценти, додека пак за СДСМ одговориле само 22.78 проценти од граѓаните. Веднаш по нив е Левица со 12.68, ДУИ со 10.58, БЕСА 9.18 проценти, додека пак веднаш по неа е Алијанса на Албанците со 9.09 проценти.

Мицкоски покажа цврст став и силно се спротивстави на потпишувањето на Преспанскиот договор, на уставните измени, во кои учествуваа и членови на ВМРО-ДПМНЕ, гласно зборуваше дека референдумот нема да ѝ обезбеди на Македонија зелена карта за влез во Европската унија.
Пред 22 месеца ми велеа ВМРО-ДПМНЕ е распадната партија, ВМРО-ДПМНЕ е поразена, ВМРО-ДПМНЕ е на колена. Ние верувавме во себе, верувавме во ВМРО-ДПМНЕ, верувавме во идејата, верувавме и работевме, па пак работевме и верувавме. Остваривме историски најголем резултат од опозиција на претседателските избори, со историски најдобриот кандидат за претседател што некогаш се појавил во трката за претседателските избори. Сега ни преостанува сета оваа наша мака, сиот наш труд, целата оваа наша енергија, сето она што го вложивме во изминатите 22 месеца како опозиција да го потврдиме на следните предвремени парламентарни избори и сите овие политичари да ги пратиме на темната страна на историјата, а потоа, без разлика на корените од дома и од надвор, следува одговорност, од прв до последен за криминалот што му го направија на овој напатен народ, за сите уништени човечки судбини, неодамна изјави Мицкоски.

Несомнено е дека Мицкоски успеа да ја подигне машинеријата на најголемата македонска партија, и да го устоличи ВМРО-ДПМНЕ повтроно на врвот на македонската политичка сцена, а по извесната победа во април на предвремените парламентарни избори Мицкоски го чека предзивик, како што самиот вели, да ја исправи големата неправда што ѝ беше нанесена на Македонија со промената на уставното име.

Реалноста која ја живееме со придавката Северна во името на земјата, а која настана како штета предизвикана од недржавничката политика на актуелната власт, Мицкоски ќе се бори да ја промени со обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието.
Ние реалноста во Македонија не можеме да ја игнорираме, но ќе се бориме да ја промениме. Тоа сум го зборувал многу пати во минатото, можам да го повторам и по стоти пат, но мислам дека би било дволично ако ние зборуваме за нешто што е спротивно на таа реалност. Јас сум професор на Универзитетот што е дел од образовниот систем на оваа држава. За жал резултат на капитулантскиот договор што го направи Зоран Заев и денеска таа е реалноста, и јас практично предавам во образовниот систем при Министерството за образование, кое е дел од Владата на државата со новата придавка. Плата земам од Министерството за финансии кое што е дел од Владата на државата со новата придавка. Ако инсистираме на тоа и се надмудруваме дали ќе биде вака или така (да биде премиер на Македонија, н.з.), тогаш би бил лажливец да кажам дека нема тоа да биде така, меѓутоа истовремено никој мене на таа маса не може да ми забрани да кажам дека сум Христијан Мицкоски од Македонија, кој што е Македонец и говори македонски јазик, рече Мицкоски во неделното интервју.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






Comments are closed for this post.