Во кампот за обука на Бирото за јавна безбедност во Лазарополе, првиот човек на МВР Оливер Спасовски, директорот на БЈБ Сашо Тасевски, заменик-директорот на БЈБ Ариф Асани заедно со началникот на Одделот за специјални полициски операции Бранко Трајановски и командантите на специјалните единици беа домаќини на завршната вежба на која присуствуваа и претседателот на Владата Зоран Заев, заменик-претседателот на Владата за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министрите Венко Филипче и Благој Бочварски.

(фото: МВР)

Со особено задоволство од присутните беше проследена заедничката завршна вежба на полициските службеници, кандидати за прием во Специјалната антитерористичка единица – Тигар и во Единицата за брзо распоредување при Бирото за јавна безбедност на МВР.

(фото: МВР)

Станува збор за полициски службеници, коишто успешно ја завршија претходната селективна обука и се пријавија за работа токму во овие организациони единици на МВР. За време на вежбата пред присутните високи гости, кандидатите ги демонстрираа нивото на подготвеност, вештините и тактиките кои ги совладале за време обуката, кои ќе може да ги применуваат во секојдневните работни активности во двете елитни единици на Министерството за внатрешни работи.

(фото: МВР)

Во оваа пригода министерот Спасовски на претседателот на Владата Зоран Заев му додели плакета за соработка и партнерство, а благодарници за партнерство и успешна реализација на целите од заеднички интерес во модернизирање на капацитетите на МВР им додели и на градоначалникот на Општина Маврово Ростуше, Медат Куртовски, директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Фатон Асани и директорот на Националниот парк Маврово, Самир Ајдини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.