Граѓаните кои треба да заминат во изолација повеќе нема потреба да се жалат дека не ги добиваат навреме решенијата за изолација. Државниот санитарен и здравствен инспекторат нашол начин да ја забрза постапката и граѓаните навреме да ги добијат, но во брзањето заборавл дека не смее да го изгуби предзнакот државна институција.
Во современиот свет одамна се комуницира со институциите по електронски пат. Документи се добиваат на електронска пошта, тие се заштитени соодветно, соодветно потпишани. Но, како изгледа електронската комуникација во Македонија во 21 век?
Вака.
Не сфатив дека добивам решение на вибер. Мислев дека е некаква реклама, па не ја ни отворив пораката. Добро што не ја избришав. Наместо називот на институцијата што ја испраќа пораката, во името гледате смајлиња, плажички, срценца… Ни тинејџерите не си ги пишуваат така имињата, коментира скопјанка на која ѝ е определена изолација.
Граѓаните се сомневаат во веродостојноста на пораката, иако смајлито од другата страна на виберот побарало потврда дека решението е доставено. Исто така, сметаат дека е несериозно да ја приложат комуникацијата на вибер со срциња и смајлиња како оправдување на работа.
Од каде да знам дека поракава е веродостојна. Кој ми ја испраќа, смајлиња и срценца?! Па ова треба на работа да го приложам како оправдување за отсуството. Многу несериозно. Работам во странска фирма, можеби нашите работодавачи ќе разберат, ама како да им објаснам на странците дека кај нас вака се комуницира. Се надевам ќе го добијам решението и по пошта, па ќе се отсрамам некако, вели револтирано скопјанец.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.