Се огласи секретарот на Охридската болница по вчерашниот скандал.

Ја примив вакцината бидејќи сум член на Кризниот штаб и сум во директен констант со целиот медицински тим кој влегува во Ковид центарот, вели секретарот на охридската болница Антонио Наумоски, кој меѓу првите се вакцинираше против Ковид-19. Тој тврди дека не постоел приоритетен список туку список на вработени кои сакаат да се вакцинираат па поради тоа не чувствува одговорност и посочи дека во сето ова е вмешана политика.

Директорот на Охридската болница Балески вели дека Наумоски со целиот медицински тим бил вклучен во повеќе задачи меѓу кои и дотур на боци за кислород и најави ревидирање на списокот во болницата.

Министерот за здравство го осудува прекршувањето и непочитувањето на Националниот план за вакцинација против Ковид-19, и најави дека утре изутрина ќе има разрешница за случајот во Охрид. Министерот уште синоќа побара од ОБ Охрид да достават извештај во врска со случувањето. Дополнително МЗ укажува дека за секое непочитување на планот за вакцинација ќе следат санкции.

Ќе се ревидираат списоците за вакцинација доставени од страна на директорите на секоја здравствена институција. Секаде каде што ќе биде утврдено пропуст ќе има соодветна пријава за истото, посочуваат од Министерството за здравство.

И премиерот Заев денеска побара да не се злоупотребуваат вакцините.

Верувам дека ќе се преземат конкретни чекори со цел да не се повторат вакви случаи на вакцинирање надвор од протоколот, изјави денеска во Пробиштип премиерот Зоран Заев

Неофицијално според информации на Сител ќе биде санкциониран секретарот во Охридската болница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.