Продолжува процесот на вакцинација во земјава. Досега, заклучно со 18 април вакцинирани се 7020 здравствени работници со прва и 6750 со втора доза на вакцина против КОВИД-19. Од 31 март, кога почна вакцинацијата на населението за лицата над 73 години вакцинирани се 13 575 лица. Од 5 април, пак, почна масовната вакцинација во вакцинален пункт во салата „Борис Трајковски“, каде се вакцинирани вкупно 18 376 лица. Во земјава пред два дена стасаа 10 илјади вакцини од „Фајзер“, а во текот на месецов се очекуваат и од останатите производители. Земјава има направено нарачки на над 2 милиони вакцини, но од вчера, доколку за тоа се укаже потреба, вакцини ќе може да набавиме од Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ од Србија.
Министерот за здравство Венко Филипче, кој вчера беше во посета на Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ во Белград, истакна дека тој ќе биде местото каде ние за секоја понатамошна нарачка на вакцини може да се обратиме и согласно капацитетот може да сметаме дека ќе има доволно количини и за нашите граѓани.
-Договоривме Институтот за вирологија, вакцини и серуми „Торлак“ од Белград во периодот пред нас да биде наш стратешки партнер за набавка на вакцини против Ковид-19. Многу е веројатно оваа вакцина да стане сезонска, рече министерот Филипче на заедничката прес-конференција во Белград со неговиот српски колега Златибор Лончар.
Филипче посочи дека имале одличен состанок и разговаравме за повеќе теми.
– Се разбира дека вакцинацијата и ситуацијата околу пандемијата беше приоритет во разговорите. Многу е веројатно дека оваа пандемија нема туку така да застане. Многу е веројатно дека оваа вакцина ќе стане и сезонска и имајќи го сега сето ова искуство и проблемите што ги имавме со набавката на вакцините досега, на ваков начин да ги надминеме таквите проблеми, потенцира Филипче.
Се очекува до 5 јули да бидат произведени околу милион дози вакцина „Спутник В“ во овој институт, од кои, како што рекоа надлежните во Србија, еден дел од количнините би можел да биде издвоен и за земјава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.