Судењето против Жарко Масларковски за носењето на поранешното македонско државно знаме со сонцето од Кутлеш на јавно место денеска по петти пат беше одложено, вторпат поради отсуство на полицаецот што му ја напишал пријавата.

„Судењето е одложено за 26.04 бидејќи полицискиот службеник пријавил боледување и не беше во можност да ги образложи констатираните прекршоци. Му посакувам лесно опоравување и на 26.04 да присуствува на судењето. Да живее Македонија!!!“, објави Масларковски на Фејсбук.

Во барањето за поведување прекршочна постапка против него е наведено дека на 2 јуни 2019 година, на прославата на европската титула на ракометарите на Вардар пред македонското Собрание, ги нарушил јавниот ред и мир со: „1. неовластено отстранување, кинење, замачкување, оштетување или на кој било начин истакнување на знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон, 2. постапување спротивно на наредба на овластено службено лице на државен орган за забрана да се пристапува или задржува на определено место“.

Според Масларковски, го гонат поради носење на својот грб на државното знаме од 1992 до 1995 година, воедно и национално знаме на Македонците.

„Сè додека системот нè опресира, желбата за слобода и правдина е разгорена и голема. Да живее Македонија!!!“, порачува тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.