Иако поводот за измените на Деловникот што ги предлага претседателот на Собранието Талат Џафери се поттикнати од корона-кризата, сепак зборовите корона и ковид воопшто не се споменати. Тоа остава простор пратениците да работат од дома и поради која било друга заразна болест, па дури и обична настинка.
Доколку присуството на пратеник на седница на Собранието преставува ризик за здравјето на останатите пратеници, пратеникот е должен за тоа веднаш да го извести претседателот на Собранието и да го извести дека на седницата ќе учествува и одлучува од далечина. Пратеникот истовремено електронски му доставува на претседателот документ од надлежен орган со кој потврдува дека не може лично да присуствува на седница на Собранието, пишува во измените.
Собранискиот спикер е должен другите народни избраници да ги извести за тоа кој од нивните колеги ќе работат онлајн. Пратеникот, според измените,треба да вклучи на седницата со видео и звук, или само со звук преку посебна опрема која ќе ја овозможи Парламентот, а ќе биде заведен во евидентниот лист како присутен на седницата.
Опозицијата не ги прифаќа ваквите измени за далечинско работење на парламентот. Координаторите на ВМРО-ДПМНЕ и на Алијанса и Алтернатива, Никола Мицевски и Скендер Реџепи поради деловничките измени ја бојкотираат и координацијата кај Џафери.
Извор Сител
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.