Премиерот Зоран Заев го поведе судскиот спор за наводна клевета поради стравот и паниката од обелоденивањето на еден од најголемите коруптивни скандали од постоењето на Македонија, случајот „Рекет“, во кој сепак подоцна се покажа дека е директно инволвиран, смета потпретседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, кој во разговорот за НетПрес посочува дека во актуелнаа состојба во македонскиот правосуден систем остануваат затскирени од јавноста мноштво скандали и афери на актуелната власт.
*Во судскиот процес кој го поведе Зоран Заев против Вас за наводна клевета во дел од изјавите поврзани со коруптивниот сканда „Рекет“, од Вашите изјави се добива впечатокот дека сте оптимистичен во врска со конечниот исход?
Николоски: Имаме, би рекол еден несекојдневен случај, затоа што не е вообичаено, не е демократски, премиерот, најмоќниот човек во даден момент во државата, да тужи опозициски политичар, во случајот мене, како потпретседател на најголемата опозициска партија, а за јавно изнесени ставови. Тоа е сѐ освен демократија. Инаку, ова не е прв ваков напад врз мене, претходно во периодот 2018/2019 година имав процес со неговиот брат Вице Заев, а сега еве и со Зоран Заев.
Да повторам, во аргументите во самата тужба, Заев ме тужи дека наводно сум го наклеветил затоа што во август 2019 година сум изјавил во врска со аферата „Рекет“, дека не е рекетиран само еден бизнисмен, туку дека се рекетирани повеќе бизнисмени и дека изрекетираната сума не е милион до милион ипол евра, како што се зборуваше тогаш, туку дека надминува вкупен износ од 20 милиони евра, дека станува збор за една добро организирана шема а не за случајност, дека речиси целото партиско водство на владејачката СДСМ е дел од пирамидата, а дека на врвот од таа пирамида е лично Зоран Заев.
Сето тоа се нешта коишто времето ги потврди. Имено, во тој временски период власта се обидуваше да го минимизира скандалот, тврдејќи дека тоа е само изолиран случај во кој се вклучени сопственик на еден поранешен медиум и сега веќе поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, дека станува збор за изнуда од само еден бизнисмен, како и дека власта нема ништо со тоа. Но, набрзо потоа во јавноста излегоа сознанијата дека се работи за добро организирана шема. Тие сознанија, јас делумно ги поседував од луѓе кои доаѓаат во партијата и изнесуваа свои сознанија, да ги наречеме „свиркачи“, и во текот на летото, но и пред да биде отворена аферата „Рекет“ тие сигнализираа дека станува збор за многу организирана шема.
Овие сознанија јас ги изнесов во јавноста и не беше демантирано, по двесеттина дена повторно ги изнесов во јавноста и еве поради тоа Зоран Заев реши да се пресметува со мене во суд, претпоставувам очекувајќи дека во моментов во Македонија нема судија кој ќе пресуди против премиерот, односно против него, поради страв и политички притисок. Меѓутоа, знам дека аргументите се на моја страна, веќе презентирав бројни докази, дел беа видени на последното рочиште во судот, така што очекувам да ќе го добијам случајот.
*Како го оценувате самиот тек на процесот „Рекет“?
Николоски: Тука се работи за една многу едноставна практика, кога страдаат т.н. ситни риби, а не се ловат крупните. Беше примената тактиката „контрола на штетата“, во која ќе бидат обвинети и осудени одредени помалку значајни или спорадични учесници во коруптивниот случај, а сите други, во прв ред политичките фактори да се спасат. Меѓутоа, спас од правдата нема да има.
*Очиглено сметате дека и покрај ригорозните казни изречени кои во случајот „Рекет“ беа изречени за оние кои беа прогласени за виновни, не сте убедени дека со нив е задоволена правдата?
Николоски: Не сум убеден, затоа што мислам дека не се дојде до врвот на пирамирата. Да, апсолутно мислам дека овие кои сега се осудени се виновни, но сметам дека е премногу наивно да се тврди дека само тие стојат зад целиот овој случај. И малите деца во Македонија не веруваат дека бизнисмен и едно евро би му дал, а не пак тешки милиони на Бојан Јовановски, доколку не знае дека зад него стои целата таа структура на СДСМ.
Целото интервју на Нетпрес
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.