Според меѓународното право, според нормите на УНЕСКО, сè што е на ваша територија е ваше. Сè што е наша територија е наше. Ова вечерва од Неготино го порача Гордана Силјановска Давкова.

Ние не само што сме должни да го чуваме тоа, туку и УНЕСКО ни вели дека треба да се грижиме за културното богатство и наследство. Како може кога газите по Хераклеа или по античкиот театар или по Стоби да не верувате дека тоа е дел од вашата историја? Никој никогаш кога настанувале државите и нациите во 19 век, не се закитил не го одбрал името Македонија и Македонци. Знаел дека е зафатено, зошто ние сме потомците на тие луѓе, рече Силјановска Давкова.

Кандидатот за претседател на Македонија потсети на зборовите на еден познат американски професор од Грција, кој рекол „Ние Грците себе се перцепираме како накстара нација на светот, но всушност сме млади, млади колку и сите други нации, настанавме во 19 век со ослободувањето од Отоманската империја. Ако ним ова име им било толку важно ќе се наречеле Грци. Истото важи за сите наши соседи“.

Значи ние и кога сме немале држава сме биле Македонци, односно се создавала македонската нација како процес. Тој процес бил крунисан кога сонот станал реалност, на АСНОМ, во далечната 1944 година. Ништо не сме украле од некого, од никого. Ништо не сме позајмиле од никого. Тоа е нешто што е неразделно од нашиот идентитет и ние имаме неприкосновено право и должност кон нашите претци и кон нашите идни генерации да го сочуваме името и идентитетот и да им го предадеме. Тоа не е неевропски чин. Модерна Европа е Европа на нации, Обединетите нации се друштво на нации, сите нации имаат право на самоопределување, имаме и ние. Нема самооопределување без име, без знаме, без химна, без Устав. Тоа сме го имале и тоа ќе си го повратиме на правен начин, порача Силјановска Давкова.

Таа додаде дека ова не е национализам, иако можеби звучи така.

Национализам е да му го негирате на соседот правото на самоопределување. Да го прекрстувате соседот, а анационализам е, или непостоење на национална свест, да се согласувате со тие барања. Тоа го прави сегашната власт, рече Силјановска Давкова.

Професорката додаде дека ќе укаже и докаже дека сме рамноправни со сите други и дека во Европа не се оди само со потпишување веќе напишани договори надвор од мандатот, туку се оди со европски реформи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.