Попради несогласувања во скопското крило на ДУИ има потешкотии во функцинирањето на владејачкото мнозинство во Собранието. Поранешниот градоначалник на Чаир, Изет Меџити, кој е и координатор на пратеничката група на ДУИ, последните неколку месеци многу ретко присуствува во Собранието, со што парламентарното мнозинство „кубури“ со кворум за одржување на пленарните седници.

Поради честото отсуство на Меџити, координаторските активности во партијата паѓаат на заменик-координаторот на пратеничката група, Арбер Адеми, кој е најчестиот член на координациите на пратеничките групи кај претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Дополнителен проблем за владејачкото мнозинство, кое е составено од 62 пратеници, е тоа што покрај Меџити, на седниците често ги нема ниту неколкутемина пратеници на ДУИ кое важат за блиски до него.

Таквите отсуства ги потврдува и самиот Џафери, кој на брифинг со новинарите информираше дека во изминатиот период имало ситуации кога кворумот висел токму поради отсуство на пратеници на ДУИ, каков што бил случајот на последното пленарно заседание, на 16 февруари, кога Собранието не успеа ниту да го усвои дневниот ред на новата седница.

Џафери вели дека навреме ги информира пратениците за доставените закони и за одржувањето на седниците, а сѐ друго е лична одговорност.

И Деловникот и Уставот се такви, пратеникот не може да се повикува на одговорност за начинот на работа и општење по однос на функцијата. Пратеникот може самиот да се изјасни како ќе настапува понатаму. Е сега, никој не кажува дека од ДУИ некој излегува како самостоен или независен. Тоа право го има секој од пратениците. Тоа не може никој да го казнува. А од друга страна да дејствувам како пратеник од таа пратеничка група, а да не доаѓам, е тоа веќе е лична одговорност – вели Џафери.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.