Градоначалникот на Прилеп, Илија Јовановски, кој како лекар едно време се вклучи во лекувањето на болните од ковид-19 во овој град, сега е позитивен на коронавирусот.

Тој синоќа го добил позитивниот тест и е во домашна изолација.

„Засега се чувствувам добро. Имам само повисока температура и болки во мускулите и чувствувам изнемоштеност“, изјавил Јовановски во телефонски разговор за МИА.

Тој вели дека се посомневал дека може да е инфициран по покачената телесна температура.

„Имав температура од 37,2. Се посомневав на симптоми, иако немав загубен вкус и мирис. Тестот покажа дека сум позитивен, најверојатно вирусот сум го добил по контакт со позитивен зашто изминатите денови имавме некои состаноци. Сега температурата е 37,6, немам некои проблеми, примам терапија и сум дома“,вели Јованоски.

Јованоски, кој е и специјалист ортопед и во октомври и ноември минатата година волонтираше во приемниот оддел на инфективното одделение во болницата во Прилеп, апелира на почитување на заштитните мерки. Особено да нема собирања на младите и по кафулињата.

Прилеп во неколку наврати, во изминатата речиси една година, од почетокот на епидемијата, е еден од најкритичните градови според бројките на заразени и починати.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.