Министерството за правда во соработка со новинарските здруженија го менува Кривичниот законик. Со измените, нападот и заканата врз новинар ќе се третираат како напад врз службено лице. За имплементацијата, потребно ќе биде да се работи со судиите и со обвинителите.

Владата до Собранието најдоцна за две недели ќе предложи измени на Кривичниот законик со кои нападот и заканата кон новинар ќе се третираат како напад и закана врз службено лице. Ваквата измена претставува долгогодишна заложба на еснафските здруженија, кои по енормниот број закани и напади врз новинарите остануваа со врзани раце поради тоа што беа принудени правдата да ја бараат преку приватни и скапи неефективни судски парници.

Од Министерството за правда, за „Слободен печат“ брифираат дека главната промена што ќе се однесува на изменетиот Кривичен законик, освен новинарот, ќе ги опфаќа и снимателот, фоторепортерот и возачот, односно целата екипа што следи одреден настан.

Со измените на Кривичниот законик се предвидуваат казни затвор до 3 години за секој сторител што ќе нападне или ќе му се закани на новинар или медиумски работник додека тој ја врши својата дејност, во секој случај освен ако не станува збор за тешки повреди или убиство, што ќе се санкционираат според тековниот Кривичен законик.

Новитетот е во тоа што Обвинителството ќе дејствува по службена должност при напад и закана. Нема да биде важно на кое место е упатена заканата за да се гони сторителот по службена должност. Еднакво ќе се третираат заканите со физичко присуство и оние на социјалните мрежи.

„Закана е закана“, велат од Министерството за правда и додаваат дека за ова дело извршено врз новинар или медиумски работник, предвидената затворска казна ќе биде шест месеци.

Повеќе на „Слободен печат“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.