Неколку основни и средни училишта во Општина Гевгелија и Богданци во петокот пуштиле 89 огласи за вработување на наставен кадар и библиотекари.

Но, наместо предвидените најмалку пет работни дена, колку што треба да трае јавниот оглас, според членот 23 од Законот за работни односи, голем дел од овие конкурси завршуваат за само 2 дена, и тоа неработни.

Станува збор за училиштата „Ристо Шуклев“ од Негорци, „Крсте Мисирков“ и „Владо Кантарџиев“ од Гевгелија, „Климент Охридски“ од Миравци, „Кочо Рацин“ од Нов Дојран, „Кирил и Методиј“ од Стојаково, „Петар Мусев“ од Богданци, чии огласи биле објавени на 20.11.2020, петок, а рокот за пријавување бил до 22.11.2020, недела. Само мал број огласи се со почетокот од 18 или 19 до 22 и 23 ноември.

Никола Петров, кој прв објави за оваа злоупотреба, вели дека овие прашања се доволни за да се заангажира Инспекторатот за просвета и труд.

Дали овде имаме злоупотреба на службена положба и овластување и дали ова е спротивно со Законот за работни односи?!
Колку што знам по Законот за работни односи, јавниот оглас трае мин 5 дена.
Дали е прекршен Членот 6 и членот 7 за Забрана за индиректна и директна дискриминација при барањето или огласот за вработување?
Прашања на кои по допрен глас можат да се вклучат и проверат инспекторот за просвета и за труд, пишува Петров.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.