Специјалниот претставник на Владата во преговорите со Бугарија Владо Бучковски смета дека иако навидум изгледа дека дополнително работите да се искомплицирале по оставката на премиерот Зоран Заев, сепак во Бугарија сфаќаат што се случило.

Тој верува дека ова е дополнителна инјекција и за оние кои биле најтврдокорни да започнат да размислуваат многу порационално бидејќи, како што вели, „ако се потроши ваков балкански политичар со европски манири и ако повторно во регионот дадеме простор да се враќаме назад во национализмите и поделбите, а да не гледаме напред, ќе имаме посериозни проблеми отколку што денес изгледа оставката на Заев од премиерската функција“, рече Бучковски во дебатната емисија на ТВ 21 „Клик плус“.

„Токму Заев беше тој што не доведе да бидеме толку близу до изнаоѓање на компромисно решение и успеа да ја сврти поддршката на меѓународната заедница и во изминатите 3-6 месеци да изврши исклучителен притисок кон Бугарија“, рече Бучковски.  

„Очигледно е дека владејачката коалиција, но и притисокот на меѓународната заедница оди во тој правец да нема брзи парламентарни избори, токму заради можноста која постои, иако велам таа можеби не изгледа реална, но има можност за уште една рунда на преговори со Бугарија за изнаоѓање на решение“, смета тој.

Според Бучковски очигледно Бугарија има сериозен притисок по завршување на парламентарните и претседателските избори да влезе во сериозни разговори и дека доколку во Бугарија конечно има политичка влада, решение ќе имаме во декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.