Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) е при крај со предметот за набавката на вакцините за ковид-19 и има информации што не се се уште целосни. Како што информираше на денешната прес-конференција Горан Трпеноски член на Комисијата, целата ситуација е комплексна и треба да се размисли со ладни глави и имајќи ја предвид поларизацијата во државата, не сакаат како институција да се стават во корист на кој било од политичките чинители.

Одговарајќи на новинарско прашање тој информира дека Антикорупциска добила од Народна банка документ за извршена исплата на седум милиони и 800 илјади долари за увоз на стока односно Министерството за здравство има исплатено на 15 февруари, а НБ го има реализирано во корист на „Стабри Интернешенел“ од Хонг Конг.

Од МЗ известиле дека немаат исплатено аванс на правно лице за купување кинески вакцини, туку на почетокот на оваа година има извршено уплата на средства на име гаранција со цел да се изврши резервација на 200 илјади дози вакцини од производителот „Синофарм“ од Кина, врз основа на заклучоци од затворена владина седница одржана на 5 февруари.

Владата во кородинација со владата на Кина, преку Кинеската амбасада во Македонија, по разговорите одлучила да ги прекине започнатите активности и ги побарала назад уплатените средства, што било реализирано со враќање на средствата. Владата за операционализирање на својата одлука на 16 март го задолжила МЗ да ги прекине сите активности за реализација по заклучоците од 8. седница односно парите што биле префрлени на „Стабри“ се вратени назад и нема извршено никаква исплата. Владата потоа склучила договор директно со производителот „Синофарм“, појаснуваше Трпеноски.

Додаде оти не може да изнесува други детали бидејќи производителите во документите што ги има добиено ДКСК, е ставена клаузулата за тајност, по нивно барање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.