И Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива нема да учествуваат на централната манифестација посветена на 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор што ќе се одржи утре во Хотелот Александар Палас, потврдува за „Слободен печат“ координаторот на пратеничката група на АА и Алтетрнатива, пратеникот Скендер Реџепи.

Охридскиот договор беше причина за прекин на вооружениот конфликт. Но, овој договор мораше целосно да се имплементира до крајот на 2004 година и за жал и по 20 години имаме многу сегменти што не се имплементирани од истиот. Замислете, беа потребни 20 години да се најде оригиналот на пишаниот документ, а камоли да се спроведе. Затоа, нема да учествуваме на овој настан бидејќи сметам дека е недемократско да се манифестира недовршен договор, вели Реџепи.

Претходно учество во прославата одбија и од ВМРО-ДПМНЕ, според кои нема потреба од партиска предизборна парада во услови на тешка економска и здравствена криза, зотшо рамковниот договор е завршена работа, а парите за прославата можеше да се искористат за многу други цели.

Ако вистински се грижеа за духот на рамковниот договор тогаш парите од прославата ќе беа попаметно да се пренаменат и дадат за реконструкција на училиштата во тетовско, гостиварско, кумановско или за решавање на проблемот со вода за пиење во Тетово. А, секако најдобро ќе се искористеа и за сервисирање на канадерите за гасење на пожар. Наместо тоа коалицијата на власт даде предност на криминалот, наместо соживотот. Најголемата закана за рамковниот договор е токму власта која го поделува народот на тие кои се со нив и народот кој не е, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците велат дека лидерите на сите политичките парти на Албанците, и сите другу партии се поканети за да учествуват на централната прослава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.