Амбасадорката на Хрватска во Република Македонија, Нивес Тигањ, на средба со премиерот Зоран Заев, изразила честитки за формирањето на новата Влада во законските рокови.

Како што оцениле соговорниците на средбата, Република Македонија се развива според европските вредности и Хрватска продолжува активно да ја поддржува во процесот на европските интеграции, во очекување на почетокот на преговорите со ЕУ.

Заев се заблагодарил за пријателската поддршка од Република Хрватска во демократските и евроатлантските процеси на земјава и упатил покана до хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ за посета на нашата држава.

Сите соседи ни се пријатели, немаме повеќе отворени прашања со ниеден од соседите, исто така и во нашата држава успешно градиме „Едно општество“ за сите граѓани, така што во претстојниот период главен фокус ќе ни биде европеизација на државата, со цел развој на економијата и животниот стандард и обезбедување правна држава. Искуствата од Република Хрватска се драгоцени и соработката помеѓу нашите земји ќе продолжи како на евроатлантски план, така и низ унапредување на билатералната соработка – изјавил Заев.

Заев и Тигањ констатирале дека за напредокот на државата, посебно на отворениот европски пат, е потребно одговорно однесување од сите, со што единствено се придонесува во перспективите на граѓаните и државата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.