Генералниот секретар на Беса Арјанит Хоџа вели дека неговата партија нема да се приклучи кон евентуалната коалиција на СДСМ и ДУИ за локалните избори, и оти се подготвуваат на изборите да настапат сами. Како партија, нагласи тој, ценат дека нивното присуство во Владата направило разлика и сакаат таа разлика да се отслика во гласови и реално како политичка партија да видат како ќе биде оценето нивното десетмесечно учество во извршната власт.

Тој не сакаше да коментира ништо во врска со средбата на лидерите на СДСМ и на ДУИ Зоран Заев и Али Ахмети, затоа што, како што истакна, не се познати детали од тоа што договориле двајцата лидери.

Оставаме да се објават детали од  договорот бидејќи изјавата е многу општа, па да почекаме да видиме врз основа на што ќе се држи таа коалиција, односно на што ќе се темели тој договор што го направила, рече Хоџа.

Тој ја отфрли можност Беса да се приклучи кон оваа коалиција, а најави дека е можно партискиот врв на ова движење да влезе во трка на локалните избори.

Ние веќе и претходно сме кажале дека настапуваме со наши кандидати и затоа се воздржувам во тоа што го кажувам, не знаеме што опфаќа договорот. Многу е општа изјавата во делот на давање насоки дека негде во прв, негде во втор круг ќе соработуваат, така што без да знаеме каде во прв, каде во втор круг, не би сакале да коментираме. Меѓу другото, ние сме сериозна политичка партија и сме кажале дека настапуваме со наши кандидати и квалитетни кадри. Можам да кажам дека врвот на партијата влегува на локалните избори и тоа кажува за нашата сериозност во делот на тоа како ги цениме локалните избори, истакна Хоџа кој вчера беше избран за шеф на изборниот штаб на БЕСА. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.