Сакам да разјасниме дека ако некоја земјоделска гранка во мојот мандат очекува само да гаснеме пожари и субвенционирањето да биде сфатено единствено како помош што нема долгорочона стратегија – нема да биде така, или сакаме да имаме развој на земјоделството или секоја година ќе гасиме пожар.

Точно е, откупот на тутунот почна лошо, но веќе е постигнат напредок и има подобрување. Просечната цена е зголемена од 162 на 167 денари. Преземањето на договорените количини не смее да запре, процесот мора да продолжи, а за тоа е неопходна флексибилност од двете страни. Ситуацијата постојано ја следиме, разговараме и со производителите и со откупувачите, постојано комуницираме и нашата интенција е да најдеме најдобри решенија за двете страни, рече вечерва министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа.

Во гостувањето на „Топ тема“, Хоџа нагласи дека е можно до крајот на откупот да се достигне и ланската цена од 220 денари за килограм.

Тој на тутунарите им порача дека битката треба да ја водат на откупните пунктови и на вагите, а не пред Владата и на улиците со блокади. Сепак, се согласи дека имаат право да се лутат зашто, како што посочи, скоро 65 отсто од проценката е лоша и тоа е докажано преку Второстепената комисија.

Тутунарите, пак, чии претставници се вклучија во емисијата, уште еднаш се пожалија дека проценката на тутунот не е реална, а од средбата со премиерот Зоран Заев во среда очекуваат решение. Доколку тоа не биде постигнато, дополнително, како што истакнаа, ќе се договараат какви чекори ќе преземат.

–  На почеток сме на откупот и не би се согласил дека ситуацијата е катастрофална. Правиме максимални напрои за да се одблокира процесот. Владините политики не се лоши и тоа апсолутно не држи. Но, не може секоја производна година да биде иста. Лани беа постигнати одлични цени и за тутунот и за оризот. Сега не е така. Сепак, не ги оставаме земјоделците сами. Од петокот има подобрување во откупот на тутунот и постигнатата цена. Од денот, пак, кога ги одржувавме состаноците со производителите и откупувачите, просекот е над 175 денари. Максимумот на Владата е ова – една третина Буџет да даваме за тутунарите. Но, можеме и заеднички да седнеме со откупувачите и да најдеме решение, потенцира министерот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.