Дали Владата полека ја подготвуваат јавноста за уште едно разочарувачко одложување на преговорите? Додека еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, практично го моли францускиот претседател Макрон да попушти околу проширувањето на ЕУ, премиерот Заев иако шири оптимизам, всушност и јавно признава дека не се знае кога ќе добиеме датум преговори за влез во ЕУ, јавува ТВ Алфа.

Не сме членка на НАТО, ниту пак уште е прецизиран датумот за преговори, истакна премиерот Заев на една од трибините за поддршка на кандидатот за претседател Стево Пендаровски.

Пред само неколку недели Заев објаснуваше дека минатата година сме добиле ветување за преговори под одредени услови, кои секако ќе бидат исполнети.

Ние лани добивме ветување дека овој јуни би можеле да добиеме датум ако ги исполниме четирите точки, судство, јавно обвинителство, безбедносни структури, корупција. Досега се сме исполниле, заедно гласавме со опозицијата.

Заев меѓутоа минатата година во јуни говореше нешто друго, дека Македонија добила датум за преговори и оти ЕУ донела историска одлука. Дури истакна дека околу тоа нема никакви дилеми и дека ЕК никогаш повеќе нема да се враќа на датумот за преговорите и дека е дегутантно да се негира таквиот факт.

Треба да се израдуваме, Македонија доби датум за почеток на преговори во јуни 2019 година… Мислам дека е дегутантно да се негира таквиот факт, изјави премиерот во јули 2018 година.

Во интервју за агенцијата Европа, Јоханес Хан предупредува дека повторното одлагање на преговорите за Македонија и за Албанија би можело да има „драматични последици“ за целиот регион и дека во прашање го доведува кредибилитетот на ЕУ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.