Не е тајна дека земјите членки на ЕУ ѝ се понаклонети на Македонија одошто на Албанија кога станува збор за доделување датум за почеток на пристапните преговори, вели еврокомесарот за соседска политика и проширување во заминување Јоханес Хан во интервју за австриски „Стандард“.

Сѐ уште работиме и двете земји да почнат преговори. Но, не е тајна дека расположението меѓу земјите членки за Македонија е едноставно подобро. Двете земји ги исполнија критериумите што ЕУ – членките ги имаа поставено како услов. Затоа дадовме препорака за двете земји. Но, Македонија не само што ги исполни бараните реформи туку ги постигна и историскиот Преспански договор и Договорот за пријателство со Бугарија. Кај Албанија, за жал, во преден план се појавија проблеми: опозицијата не им е во Парламентот, Владата има проблеми да го одржи дијалогот и покрената е процедура за отповикување на Претседателот, вели Хан.

Според него, македонската влада постапила на примерен начин и направила напор да ја вклучи опозицијата. Потсетува дека остварил состанок со лидерот на опозицијата и дека апелирал до него да продолжи да покажува конструктивен став.

Тие успеаја да решат децениски политички конфликт и покажаа значајна политичка храброст, бидејќи оваа одлука подразбираше и висок личен и политички ризик. Секако, ова се однесува и на грчката страна, но особено на Македонија, каде што опозицијата е против Договорот. На почетокот, само 20 отсто од населението го поддржуваше Преспанскиот договор, а тоа што договорот се донесе е одраз на водството на Владата. И тоа, исто така, мора да се препознае и соподветно да се награди. Беше стимул за регионот. Кога лани го потпишавме Преспанскиот договор, владееше расположение да се постигне договор и помеѓу Србија и Косово. За жал, овој позитивен развој запре со воведувањето 100-процентна царина на српските производи на Косово. Решавањето на српско-косовскиот конфликт е од суштинско значење за развојот на целиот регион, истакнува Хан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.