Македонија треба да ги почне пристапните преговори со ЕУ што е можно побрзо, а Германија целосно ја поддржува во тоа, порача шефот на германската дипломатија Хајко Мас по состанокот со македонскиот колега Бујар Османи во Берлин. Двајцата министри се согласни дека блокадата од Софија не е причина да се разделат Македонија и Албанија од преговарачкиот процес. А Мас не гледа причина во решавањето на спорот меѓу Македонија и Бугарија да се вклучуваат трети страни.

Според него тој треба да остане на билатерално ниво, а спорните прашања да ги решаваат историчарите во комисиите, без притисоци од надвор. Сепак, вели дека Берлин е секогаш подготвен да помогне и да го сподели своето искуство, доколку двете земји го сакаат тоа.

Министерот Османи ја нагласи важната улога на Германија за евроинтегративниот процес и порача дека реформите за правна држава и борба против корупцијата ќе продолжат. За Османи, јунскиот самит на ЕУ е неповторлива шанса за конечно да се одржи првата меѓувладина конференција и Македонија да ги почне преговорите со Унијата.

Шефот на германската дипломатија Мас како лажни вести ги отфрли информациите за нон-пејперите кои кружат за прекројување на границите за Западен Балкан. Повтори дека Германија ниту во минатото ниту во иднина ќе поддржи каква било промена на границите во регионот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.