Парчиња брендирана облека, обувки, чанти, очила, сакоа, кошули, шешири, капути, јакни, фармерки… ова е само дел од запленетите предмети од куќата во скопски Орман на контроверзниот Боки 13, или Бојан Јовановски, првообвинет во „Рекет“. Обвинителниот акт за овој предмет има 60 страници, а само листата на одземените предмети од домот на Боки има 23 страници, дознава МКД.мк.
Списокот е огромен, а дел од одземените предмети, спакувани во црни вреќи, се изнесени од домот на Јовановски. Во 71 црна вреќа истражителите сместиле 1.208 различни парчиња.
Сите се познати марки, и тоа Гучи, Долче и Габана, Луј Витон, Версаче, Кристијан Диор, а во секоја од вреќите има барем по едно парче со шара од леопард. Има и шари од змија, од лав, мотиви со срце и меч… Брендирано било дури и огледалото што висело во домот на Боки 13, и тоа од марката Ролекс.
Лицата што го правеле претресот внимателно направиле селекција на предметите и посебно во секоја вреќа сместувале башка очила, башка капути, дури и обувките ги селектирале на патики, чевли, чизми и собни папучи, а панталоните на фармерки, тренерки, класични панталони… Вреќите се класифицирани по бројки, од вреќа број 1, до вреќа број 71. Очигледно е дека претресот бил долг, а заплената „богата“.
Парчињата облека и модните детали во домот на Јовановски биле во црвена, црна, зелена, нијанси на сина и сива боја, како и во кафена и речиси сè, вклучувајќи ги и собните папучи, биле со име на позната марка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.